X
 21.10.2016 Здравје

Стресната работа може да биде одлична за здравјето, но под еден услов

Според резултатите од истражувањето, работните места треба да се реорганизираат на начин што на вработените би им овозможил сами да ги поставуваат своите цели, распоредот на работата, приоритетите и како ќе ги извршуваат работните задачи.


Стресна работа


Стресната работа, всушност, би можела да биде добра за здравјето, според резултатите од истражувањето спроведено на Kelley School of Business на универзитетот во Индијана.

Имено, ризикот од прерана смрт кај луѓето кои работат на стресни работни места за третина е понизок од оној кај луѓето кои работат во помалку стресни услови, но само во случаи кога работникот под стрес ја  има контролата над сопствениот работен процес. Се разбира, ако имате стресно работно место, а при тоа немате слобода во носењето одлуки, тогаш припаѓате на групата со најголем ризик од заболувања и прерана смрт.

Во истражувањето беа опфатени илјада работници на  60-годишна возраст, и во набљудуваниот период од седум години кој стартуваше во 2004 година, се утврди дека тие кои имаат слобода на одлучување и контрола врз работата, имаат дури 34 проценти помала смртност отколку оние со помалку стресни работни задачи.

Доколку работите на одговорно работно место, а при тоа немате „одврзани раце“ , честопати се обидувате да се справите со тоа на сосема несоодветен начин. На пример, јадете повеќе отколку што треба или почнувате да пушите.

Кај повеќе од половината  забележани смртни случаи, главна  причина за смрт беше ракот, додека во 22 проценти – кардиоваскуларните  заболувања. Осум проценти од смртните случаи беа предизвикани од проблеми со дишните патишта.

Судејќи според резултатите од истражувањето, работните места би требало да се реорганизираат така што на вработените да им се овозможи сами да ги поставуваат своите цели, распоредот на обврските, приоритетите и начинот на кој ќе ги извршуваат задачите.

Стресната работа нè поттикнува да пронајдеме начин за решавање на определен проблем и да работиме до завршувањето на работната задача. Во таков случај, работата нè исполнува со енергија, наместо да нè исцрпува. „На тој начин стресот станува нешто во кое уживаме“, вели лидерот на студијата, Ерик Гозалес-Муле за британскиот Телеграф.

Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје