Америка годинава има шест лауреати на Нобеловата награда. Сите се
имигранти.
Фрејзер Стодарт ја доби Нобеловата награда за хемија за „дизајн и синтеза на молекуларни машини“. Роден е во Единбург, Шкотска, а подоцна станал натурализиран жител на САД.
Дејвид Таулес, Данкан Холдејн и Мајкл Костерлиц беа наградени со Нобелова награда за физика за „теоретските откритија на тополошките фази на транзиција и тополошките фази на материјата“. Таулес и Костерлиц се родени во Шкотска, а Холдејн е Англичанец.
Оливер Харт и Бенгт Холмстром ја добија Нобеловата награда за економија за „нивниот придонес во теоријата на договорите“. Холмстром е роден во Финска, а Харт во Англија.
Се разбира, вкупно седуммина Американци оваа година се лауреати на Нобел, доколку се земе предвид и Нобеловата награда за литература на композиторот и поет, Боб Дилан, чии предци се источноевропски Евреи кои дошле во САД бегајќи од прогонот на антисемитистите на почетокот од 20 век.
Бројот на научници и инженери кои емигрирале во САД се покачил од 3,4 на 5,2 милиони во периодот од 2003 до 2013 година, според извештајот на Националната научна фондација. Или околу 20% од научната и инженерската работна сила се имигранти.
Во овој број се вклучени три милиони научници кои емигрирале од Азија, еден милион од Европа, 330.000 од Африка и над 600.000 од Централна и Јужна Америка.
„Сметам дека ова е громогласна порака што треба да се пренесе низ светот дека науката е глобална работа“, изјави Сер Фрејзер Стодарт, добитникот на наградата за хемија.
„Особено е важно оваа дискусија во моментов да се насочи кон политичката клима на двете страни од ‘барата’... Мислам дека САД се тоа што се, во голем степен поради отворените граници.“