X
 26.10.2016 Култура

Најмалиот музеј во светот


Музејот се состои од една просторија, така што едновремено може да го посети само едно лице.


Најмалиот музеј на светот


Додека не се отвори некој нов во кутија за чевли, жителите на Ворли, град во западен Јоркшир, ќе можат да се фалат дека во нивното место се наоѓа најмалиот музеј на светот, што е сместен во телефонска говорница.

Телефонската говорница што повеќе не се користи, едноставно е претворена во музеј, за кој се смета дека најверојатно е најмалиот во светот. Имено, тој се состои од една просторија, така што едновремено може да го посети само едно лице.

Покрај ограничениот простор, тука се наоѓаат разни предмети од локалното население. Па така, во музејот-говорница можете да видите стари фотографии, изгравирано стакло, но и лични предмети, како на пример, старински модни додатоци и накит. Всушност, тема на музејот е историјата на местото, а идејата е поставките да се менуваат на секои три месеци.

Но, како дошло до идејата од говорницата да се направи музеј? „Разговаравме што би можеле да направиме и така се роди идејата“, објаснува Кетрин Галагер од друштвото заслужно за овој музеј. Исто така, по отворањето на музејот, од друштвото аплицирале за место во Гинисовата книга на рекорди и побарале нивната говорница да биде призната за најмалиот музеј на светот.

Засега, одзивот е сјаен, а луѓето со задоволство го посетуваат. Ова е само една од идеите како да се пренаменат телефонските говорници, кои со појавата на мобилните телефони ја изгубија својата намена. Неодамна, едно истражување покажало дека само 7% од луѓето во Велика Британија ги користат говорниците.    


Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура