X
 26.10.2016 Политика

Зошто денес повеќе од кога било ни се потребни политичките идеи на Алберт Ајнштајн?

Алберт Ајнштајн


Човештвото како целина

Еден од Ајнштајновите најважни погледи на светот во текот на целиот негов живот бил интернационализмот и поврзаноста на сите луѓе на планетата Земја.

Овој, но и други важни концепти и принципи што го обликувале животот на Ајнштајн покрај неговата професионална определба како теоретски физичар, се опфатени во најновата книга, Einstein and twentieth-century politics: “A salutary moral influence”, што се реализираше оваа есен. 

Треба да имаме предвид дека Ајнштајн се родил во време кога се појавувале нови култури ширум светот, кои допрва требало да се истражуваат и да се разберат. Ајнштајн тоа го дочекал со раширени раце.

Тој бил еден од интелектуалците од Западот што ја поздравиле општествената промена во Русија после Болшевичката револуција, особено како алтернатива на западниот капитализам. Иако не тврдел дека нештата ќе се движат во правилната насока, сепак сметал дека претставува новина вредна за проучување.

Ја презирал идејата за тоталитаризмот, а го поддржувал егалитаризмот што го промовираа луѓе како Ганди, кој го сметал за врховен морален компас. Ајнштајн бил целосно посветен на демократијата.

Во 1949 година напишал текст Зошто ни е потребен социјализмот? (Why socialism?), каде ги изложил своите сфаќања за економските и политичките системи:

Како резултат од развојот на настаните е појавата на олигархијата каде се акумулира огромна моќ со која не може да се справи дури ни демократски организирано политичко општество. Ова нема да запре сè додека членовите на законодавните тела ги бираат политички партии финансирани или под влијание на капиталисти, кои од практични причини, прават јаз меѓу електоратот и законодавната власт. Последиците што произлегуваат од сето тоа е што избраните претставници на народот, не ги штитат интересите на непривилегираните делови од популацијата. И повеќе од тоа, во ваквите околности, приватните капиталисти ги контролираат, директно или индиректно, и главните извори на информации (радиото, печатот, обраованието). Поради тоа, секој граѓанин тешко може да донесе објективен заклучок и паметно да ги користи своите политички права.


Во 1939 година, му напишал писмо на претседателот Рузвелт за да го предупреди дека Нацистите создаваат оружје што претставувало реална закана за целиот свет. Без да знае, им ја дал истата идеја на Американците, па кога чул за нивното детонирање во Јапонија, прокоментирал: „Тешко мене!“

Кога подоцна го прашале зошто „соработувал“ во развивањето на атомската бомба, им одговорил: „Да знаев дека Нацистите нема да успеат да ја создадат атомската бомба, немаше ништо на преземам.“

Како пацифист кој го сведочел военото „надмудрување“ меѓу Америка и Советскиот сојуз и откривањето на хидрогенската бомба, Ајнштајн станувал сè позагрижен за иднината на човештвото. Се приклучил и се потпишал на т.н. Расел-Ајнштајнов манифест, што го поттикнал Бертранд Расел, и преку кој ги повикал научниците да апелираат за опстанокот на човештвото што бил доведен во прашање поради оружјето за масовно уништување.  

„Чувајте ја својата човечност, сè друго е помалку важно“, е најцитираната фраза што произлегла од манифестот.

За крај, ви ја споделуваме најрепрезентативната мисла од Ајнштајн во врска со неговите политички и филозофски идеи-водилки низ животот.

„Доживотна страст за мир... омраза за национализмот и посветеност на интернационализмот.“                
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Политика