X
 30.10.2016 Технологија

Дали интернетот му штети на мозокот?

Загриженоста за влијанието на технологијата врз човекот се појавуваат уште во 16 век со печатените медиуми кога се поставувало прашањето дали мозокот на човекот ќе може да се справи со сите тие информации. Денес има уште многу други причини за загриженост и тие најчесто се насочени кон децата.

мозок и компјутер


Кога се користи терминот „интернет“ треба да се имаат на ум дека тој содржи многу нешта во најразлични форми.  Ако личноста е зависна од коцкање преку интернет казина или страници за покер нема дилема дека станува збор за пример во кој на нечиј мозок тој има негативно влијание. Но, од друга страна, не може во целост да се обвини интернетот затоа што казина има и во реалноста, а напоредно има и зависници што ги посетуваат. Интернетот сепак дава поголем пристап на најразлични активности што би се категоризирале како штетни, а лесно достапни.

Преоптоварување со информации


Човечкиот мозок е под постојан притисок да прими што е можно повеќе информации, но не ги обработува сите нешта што се регистрираат со сетилата затоа што нема капацитет. Информациите се филтрираат и се екстрахира она што е поважно врз основа на искуство, анализи и еден вид на систем кој бира „што е најдобро“. Мозокот е адаптиран да се заштити од преоптоварување со информации, па ваква штета интернетот не може да предизвика.

Дали Google ја уништува меморијата на човекот?


Гугл има многу практична примена со тоа што ги чува складирани информациите и кога се појавува потреба тие може да се пребаруваат. Како функционира меморијата? Нештата што се искусуваат се зачувуваат во меморијата несвесно, а ако постои емотивна важност или врска, уште полесно се меморираат. Aко се работи за апстрактни информации или нематеријални факти потребно e повторување и вежбање за да влезат во долготрајната меморија. Несомнено, интернетот му нуди многу непотребни информации за обработка на мозокот, но дали тоа штети е сосема друго прашање. Од друга страна, постојат докази дека разновидноста е добра за развојот на мозокот, па можеби постојаното пребарување на најразлични информации е подобро за мозокот отколку повторувањето на исти сурови факти и бројки. Според други сознанија пак, разгледувањето и на една едноставна интернет страна е премногу комплицирано за кратктрајната меморија да се справи со предизвикот.

Одвлекување на вниманието


Човековиот систем за внимание е комплициран. Интернетот во овој случај е брзо и ефективно средство за одвлекување на вниманието. Постои едноставна можност на истиот уред на кој се работи, да се потроши време на кратки видеа, наслови, информации... Но, интернетот не може да се обвини целосно за одвлекување на вниманието од работата. Мозокот се справувал со тоа долго време пред неговата појавата, но сега многу нешта се поочигледни.

Натпревар за допаѓање

Социјалните интеракции со другите луѓе се важен фактор за развојот на човекот на невролошко ниво. Луѓето се социјални суштества. Напоредно, позитивните чувства што следуваат по добивање на допаѓања и одобрувања на социјалните мрежи имаат одредено влијание на ова ниво. Имено, тие делуваат во основа како дрогата, т.е. мозокот прима информација за награда преку системот на допаминот. Затоа, зависноста од социјалните мрежи постанува проблем. Со оглед на фактот дека тие се значаен дел од секојдневниот живот, немаат многу добри ефекти врз мозокот. Но, како и за сé друго, виновни се луѓето сами, а не нивните иновации.
Подготвил: М.Д.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија