X
 03.11.2016 Образование

Нова категорија стипендии за студентите запишани на математика, хемија и физика

18. 000 денари ќе изнесува стипендијата застудентите запишани на додипломски студии по математика, хемија или физика. Заменик министерот за образование и наука Спиро Ристовски по посетата на Државното училиште за деца и младинци со оштетен вид „Димитар Влахов“, одговарајќи на новинарско прашање истакна дека за учебната 2016/2017 година планирани се 105 стипендии за студенти кои постигнале просечен успех од најмалку 7 од прва до тековно запишаната студиска година. Целта на овие стипендии кои ќе се доделат прв пат, е да се поттикне интересот за овие студиски програми за кои кадарот станува дефицитарен.


„Во Конкурсот се објавени 2.890 стипендии кои се движат од 3.000 до 18.000 денари. Постојат различни типови стипендии во неколку категории кои се веќе вообичаени и ги доделуваме секоја година. Новата категорија стипендии, која се воведува оваа година се однесува на исклучително дефицитарните области физика, хемија и математика и студентите кои ќе се запишат на една од овие три катедри ќе добиваат месечно по 18.000 денари. Веќе сме во прилично сериозна ситуација, посебно за Катедрата по физика каде подолг период имаме многу мал број студенти, и затоа се одлучивме за овој посебен тип стипендија. Верувам дека со помош на оваа стимулација ќе се зголеми интересот за упис на една од овие три катедри“, рече Ристовски.

Покрај новата категорија стипендии, Министерството за образование и наука согласно Конкурсот, за учебната 2016/2017 година доделува и 1.500 стипендии за студенти од социјални категории; 630 стипендии за студенти кои постигнале особено висок успех во учењето (најмалку 8.50 просечен успех за студенти запишани на техничките факултети и медицинските науки и најмалку 9.00 просечен успех за студентите на факултетите од општествените науки и на факултетите од уметностите); 125 стипендии за студенти запишани на студиски програми по информатика со просечен успех најмалку 9.00; 530 стипендии за студенти запишани на студиски програми од научните подрачја на природно-математичките, техничко-технолошките, биотехничките и/или медицинските науки, кои постигнале најмалку 7.00 просечен успех.

Електронското пријавување за стипендиите е во тек и ќе трае до 13 ноември.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование