X
 04.11.2016 Култура

Феноменот „Не се клади на Енглези“

Не помислувавме на мегахит и веројатно ваквиот успех во некоја мера ги надмина нашите очекувања – вели актерот Сашко Коцев


Фото: Драган Гајиќ

 
Постојат претстави во македонскиот театарски простор кои важат или ги нарекуваат спектакли, и уште неслучени се вбројуваат во таквите. Тие најчесто чинат многу пари, а се играат малку. Има и такви во кои се вложени малку пари, но многу повеќе љубов и страст за да се создаде театарска претстава што ќе ја гледа и ќе ја сака публиката. Пред да бидам сфатена погрешно, не мислам дека не треба да има скапи претстави, театарот мора да создава магија, ама таа мора да стигне до што повеќе гледачи. Не мислам и на тоа да се земе еден петпаречки текст комедија, да се поканат добри актери што ќе прават финти и импровизации и публиката да биде среќна и насмеана. Мислам на тоа да се избере солиден современ текст, да се спакува едноставно, се разбира, да се поканат одлични актери кои на целото ќе му дадат смисла. Така се роди и претставата „Не се клади на Енглези“, пролетта 2014 година, како независна претстава на малата сцена на Македонскиот народен театар. Настана како проект на актерите Сашко Коцев, Александар Микиќ и Оливер Митковски, а во режија на Синиша Евтимов. Денес е во копродукција со МНТ, некако логична варијанта, со оглед на тоа дека тројцата актери и режисерот се вработени во театарот.


Фото: Драган Гајиќ


По некој нормален тек на настаните, театарските претстави се најгледани во првите неколку месеци од нивната премиерна изведба. И наспроти сите законитости во театарот, пробајте само да купите влезница за претставата на самиот ден на играње! Претставата ја гледав на премиера и после две и пол години. Аплаузите што ги добиваше и вториот пат беа речиси како што наградува публика на премиера. И тоа ме замисли, што е тоа што ја прави претставата „Не се клади на Енглези“ можеби најлесно продаваната претстава во моментов на репертоарот? Дали се можеби одличните актери, кои многу добро се познаваат и приватно, а истовремено се и едни од најангажираните глумци на истата сцена? Факт е дека кога само некој ќе каже Сашко Коцев игра главна улога во претстава, таа веднаш станува хит-претстава. Едноставно е, тоа е актерот кого публиката го сака неизмерно, а и тој неа. Заедно со извонредните Митковски и Микиќ, создаваат театарска претстава која ни малку не е евтина во својот квалитет, евтина е само во парите вложени во неа. Во очите на тројцата актери се гледа искрена радост од аплаузите и бисовите. Обично хит-претстава се врзува со петпаречка комедија, во која актерите кажуваат вицови, а публиката се смее. Текстот на Владимир Ѓурѓевиќ шара низ црна комедија, драма и комедија, за на крајот, да ве стресе со сите теми што ги отвора.

Од денешна перспектива, на тимот на претставата не му е верно дека има толкав успех.

-Внимателно направивме избор на текст и долго време работевме на негова адаптација. Затоа бевме уверени дека ќе ја реализираме целта, односно ќе успееме да направиме квалитетна комерцијална претстава што ќе ги полни салите. Сепак, ниту еднаш во процесот на работа не помислувавме на мегахит и веројатно ваквиот успех во некоја мера ги надмина нашите очекувања. Суштината на неодоливата привлечност на оваа претстава лежи во стариот добар проверен рецепт – хумор во комбинација со мелодрама. Оти проблемот не е во застапеноста на комедиите на репертоарите на нашите театри, туку во квалитетот и нивото на истите. Комедијата, како и сите останати жанрови, бара запазување, пред сè, на базичните театарски принципи, а потоа, во зависност од тоа која е вашата таргет-група, избор на „евтин“ или „паметен“ хумор – вели актерот Коцев, кој информира дека во план е подготовка на нова претстава.


Фото: Драган Гајиќ


Претставата е направена со минимална сума (спонзорство од 200.000 денари од „Тинекс“ со кои се платени авторските права), и многу желба за театарска креација. На сцената има гарнитура (од спонзор), полици и понекој реквизит. Екипата докажува дека кога нешто се сака многу искрено, не постои правило или начин тоа да не биде соодветно вратено.

Досега била изведена 54 пати, од кои 15-ина пати е играна пред публика во други градови. Ја виделе 17.900 луѓе. Се игра два пати месечно во големата сала на МНТ. „Не се клади на Енглези“ е добар поттик и за други актери, режисери, да се осмелат и да направат свои дела, без тоа да е програма финансирана од државни пари. Во години кога независната сцена е во длабок сон, „Не се клади“ е светол пример,
Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура