X
 10.11.2016 Култура

Овие шест книги ќе ви помогнат да сфатите зошто на изборите победи Трамп


Книги што ќе ви помогнат да сфатите зошто на изборите во САД победи Трамп

За сите што се обидуваат да ги разберат политичките, економските, регионалните и општествените промени што доведоа до најголемите политички изненадувања во националната историја во САД во изборниот вторник, Њујорк Тајмс направи листа од шест книги по препорака на критичарите и рецензентите, со цел подобро восприемање на неодамнешните случувања. 

The Unwinding: An Inner History of the new America од Џорџ Пакер

Во оваа книга, авторот опфатил широк поглед кон институциите и обичаите на земјата и самиот се вџашил од своето откритие. Почетокот на четивото е како влез во хорор роман, што до одредена мера тоа и претставува. „Никој не може да предвиди кога ќе почне расплетот“, пишува тој и додава „кога спиралата што ги држи Американците во сигурно заедништво, понекогаш и ги загушува, прва ќе попушти“. Потоа следуваат разгледи и профили на различни личности, како што се, Сем Волтон, Опра Винфри, Елизабет Ворен и Њут Гингрич. Пакер опишува како реториката на Гингрич кога стапил на власт во осумдесеттите години на минатиот век, го променила начинот на кој избраните водачи постапувале еден кон друг: „На сите им даде иперит да го користат против секој можен непријател, вклучувајќи го и него самиот.“ Оваа е книга за тагата, бесот и сочувството.

Strangers in their own land: Anger and mourning on the American Right од Арли Расел Хоксчајлд

Хоксчајлд дава поглед одблизу на поддржувачите на движењето Tea Party во Луизијана. Во својата книга, која патем беше номинирана за национална книжевна награда, зборува за т.н. Голем парадокс (Great Paradox), односно за спротивставувањето на федералната помош од страна на луѓето на кои им е најпотребна.

За книгата напишале: „Хоксчајлд, истакнат социолог на Беркли, е жена на левицата, но нејзината мисија е емпатијата, не полемиката. Таа сериозно ги сфати поплаките од членовите на ова движење дека се чувствуваат туѓинци токму како што е наведено во насловот на книгата – трикратно маргинализирани според примањата што постојано им се намалуваат, жртви на пребрзата демографска промена и либералната култура што се потсмева со нивната вера и со нивниот патриотизам. Љубовта која авторката ја има кон своите ликови е очевидна.“ (Џејсон де Парле)

Hillbilly elegy: A memoir of a family and culture in crisis од Џ. Д. Ванс

Мемоарите на авторот Ванс ги опишуваат неговите искуства од животот во еден, некогаш просперитетен град на челикот, во Охајо. Критичарите за оваа книга напишале: „Истрагата за отуѓувањето на гласачот од своето право на избор, никогаш не била поитна. Ванс нуди сочувствителна, остроумна социолошка анализа на пониската бела класа што ја поттикна политиката на бунт, и особено издигнувањето на Доналд Трамп. Несакајќи, тој даде цивилизиран прирачник за нецивилизирани избори, со разбирлив речник и за демократите и за републиканците.“ 

Listen, Liberal: Or, what ever happened to the party of the people?
од Томас Френк

Во освртот на критичарите кон оваа книга стои: „Либералите имаат измешани чувства периодов. Изгледите за изборот на Трамп за претседател покренаа неодложни стравови: во врска со фашистичките тенденции и потенцијалните улични немири. Истовремено, многу либерали се ситат гледајќи го расколот во Републиканскиот блок. Тие се главните поттикнувачи на предрасудите и огорченоста на отуѓената бела работничка класа, и мора да се соочат со последиците од своите дејствувања.“

„Во својата нова книга, општествениот критичар, Томас Френк, претставува уште една можност: генерално, либералите, конкретно Демократите, треба да направат интроспекција за да ја разберат жалната состојба во која се наоѓа американската политика. Преокупирани со учеството во TED разговорите и одморите на островот Martha’s Vineyard, Френк тврди дека елитата на Демократите ги напушти традиционалните заложби посветени на работничката класа. Во тој процес, тие го поттикнаа политичкиот гнев во срцето на денешните десничарски бунтови.“  

The populist explosion: How the Great recession transformed American and European politics од Џон Џудис

„Овој убедлив и исклучително јасен водич, помага полесно да се разбере ‘популизмот’, неговото потекло и причината за неговиот напредок од двете страни на Атлантикот. Џудис прави разлика меѓу левиот економски популизам и десниот културен популизам, кој ги обвинува елитите дека ја ‘размазуваат’ секогаш присутната трета група – имигранти, црнци, терористи, корисниците на социјална помош или сите во едно.“

„Џудис има изненадувачки бениген став кон десниот популизам. Тој смета дека Трамп и европските десноориентирани популисти се гадни националисти, но дека не се фашисти, и дека дури и оние авторитарните веруваат во функционирањето во рамки на демократскиот систем и немаат територијални претензии како некогашните германски и италијански фашисти.“     

White trash: The 400-year untold history of class in America од Ненси Ајзенберг

Доналд Трамп го избраа богаташите и работничката класа. Оваа елоквентна книга посветена на помалку познатата историја на Америка, не само што зборува за слабите, немоќните и стигматизираните, туку ги поставува во центарот на вниманието. Претставува анализа на упорниот кастински систем што се одржува на плеќите на националните митови за грубиот индивидуализам и за градовите на ридовите. Ајзенберг забележува дека клучните мотори на американската економија, почнувајќи од робовладетелите преку политиките на денешните банки и оданочувањето, систематски им наштетува на сиромашните работници. Таа ќе напише: „Мораме да се запрашаме како овие луѓе успеваат да опстојат во вакви услови“.
Во врска со последните избори, таа ќе рече: „Кога од изборите ќе направите циркус, најголеми се шансите за победа на мечката што танцува.“ 
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура