X
 15.11.2016 Уметност

Детали за филмот „Чудесната судбина на Амели Пулен“ што ќе ве изненадат


Пред 15 години, светот се вљуби во Амели Пулен, главниот лик од француската романтична комедија, во совршената изведба на прекрасната Одри Тату.


Амели Пулен

Филмот „Амели“ на францускиот режисер Жан Пјер Жене е еден од најуспешните француски филмови на сите времиња. За неочекуваниот успех на оваа романтична комедија говори и податокот дека филмот заработил 174 милиони долари, што е подобар резултат и од некои блокбастери на големите американски продуцентски куќи.

Приказната за луцидната девојка Амели Пулен која го посветува животот на усреќување на другите, а при тоа ја сретнува и љубовта на својот живот, ги освои срцата на милиони гледачи.

Еве ги непознатите детали за овој волшебен филм, што оваа година го прославува 15. роденден:

1.    Амели требаше да се вика Емили

Режисерот и ко-сценарист, Жене, ја напишал улогата на француски јазик за англиската актерка Емили Вотсон, и главниот лик го нарекол Емили. Меѓутоа, не му се допаднала нејзината изведба на странски јазик, па го изменил сценариото. Според втората верзија, Емили пораснала во Англија, па затоа зборувала на англиски јазик. На крајот, Вотсон ја одбила улогата, а сценариото добило своја трета верзија, каде главен лик е Французинка со име Амели.



2.    Жене ја пронашол новата глумица на плакат

Буквално. Шетајќи по улиците на Париз, размислувал за тоа кој ќе ја замени Вотсон. Тогаш го здогледал плакатот за филмот „Venus Beauty“ на кој се наоѓала Одри Тату. „Останав вчудовиден од нејзините темни очи, трагата на невиност и необичното држење. Договорив состанок и таа дојде на аудиција. После 10 секунди знаев дека токму таа е тоа што го барав“,  раскажува Жене.



3.    Режисерот и покрај својата волја надворешните кадри на Париз ги снимил во – Париз

Поранешните филмови Жене ги снимал во студио. Режисерот го преферирал ваквиот тип на снимање кое му дозволува контрола на временските услови, но и полесна репродукција на својата визија. Меѓутоа, изработката на макети на Монмартр во студио било прескапо, па Жене  морал да снима на вистинската локација, и покрај тоа што визуелно не му одговарала. „Ги отстранивме возилата од улиците, графитите од ѕидовите, ги заменивме плакатите со поубави. Да кажеме, се обидов да добијам што повеќе контрола над естетскиот квалитет на градот“, вели Жене и додава дека во пост-продукцијата на филмот дополнително ги средувале сцените.



4.    Сите сцени во станот се снимени во германско студио

Многумина останаа разочарани од фактот дека шармантниот париски стан од филмот воопшто не е стан, најмалку париски. Снимањето на тие сцени е изведено во студио во Германија, заради аплицирање за даночни олеснувања.

5.    Јан Тирсен сосема случајно е избран за автор на  музиката за филмот

Режисерот никогаш не чул за неговата музика, сè до моментот кога еден од асистентите на продукцијата не пуштил ЦД со музика на Тирсен, додека се возеле во кола. До крајот на денот, Жене ги имал сите негови албуми и го повикал да изработи оригинална музика за филмот.



6.    „Жапчињата“ се само сценски ефект

Фрлањето на камчиња во вода со цел да се одбијат од површината, колоквијално ги нарекуваме „жапчиња“. Одри Тату не била доволно вешта во тоа, па сцената каде Амели фрла „жапчиња“ во парискиот канал Сен-Мартин е резултат на специјални ефекти.

7.    Во најшарениот филм на светот има малку сина боја

Тешко е да не се забележи дека филмот изобилува со црвена, жолта и зелена боја, но многумина не знаат дека во него речиси и да нема сина боја. За визуелниот идентитет на филмот, Жене бил инспириран од сликите на бразилскиот уметник Хуарез Мачадо.



8.    Дијалогот меѓу Амелија и нејзината симпатија е сведен на минимум

Во двочасовниот филм, Амелија и Нино (Матие Касовиц) разменуваат само неколку реченици при телефонскиот разговор кај базиликата Sacre Coeur и во текот на средбата во кафулето Deux Moulins.

9.    Скриеното значење на почетната секвенца

Во моментите кога на екранот се појавуваат имињата на филмската екипа, ликот на малечката Амелија всушност го претставува и доловува интересот на секој член.

Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Уметност