X
 15.11.2016 Живот

Интервју со Др. Влахо Костов: Не е доволно да се биде само технолошки лидер, решенијата треба да се прават брзо, едноставно и евтино

Интервју со Др. Влахо Костов, Сектор за истражување и развој на Панасоник (Panasonic), Германија

Сигурен сум дека во следните години ќе бидеме сведоци на неверојатни општествени промени каде многу од работните места и професии нема да бидат потребни – тврди Др.Влахо Костов, извршен инженер () од Македонија со повеќе од импресивна кариера во повеќе светски центри. Костов беше еден од предавачаите на „Macedonia2025 Summit“, а тоа беше прилика за да ја запознаеме и пошироката јавност со него. Во моментов е дел од Секторот за истражување и развој на познатата компанија „Панасоник“ во Германија, одговорен за Централно-Источна Европа и Медитеранот.



Факултети.мк: Зборувате неколку странски јазици, јапонски, италијански, англиски и германски ...Како успеавте да ги совладате сите и какви бенефити Ви носи ова знаење?

Првите почетоци се од раното детство во скопскиот Центар за странски јазици каде низ дружба и игра ја учевме не само граматиката, но и културата, сфаќањата и навиките на „необичните“ Англичани, а подоцна и другите странци. Потоа следуваше германскиот, што беше логичен избор, за втор странски јазик за студенти на технички науки, па следуваше јапонскиот заради докторските студии и долгиот престој во Јапонија и на крај италијанскиот – заради сопругата и децата.
Впрочем, и не е така тешко да се зборуваат многу јазици и голем дел од тоа се случуваше мошне спонтано.
Англискиот јазик е фактички стандард во меѓународната комуникација, но знаење на кој било друг јазик е вредност која не се мери едноставно – а во секој случај дава голема предност во повеќе аспекти, отвора нови врати и овозможува да направите контакти и комуникација на сосема друго ниво. Еден вид ментална алатка која дозволува поинакво ниво на комуникација, која не е секогаш можна кога двајцата соговорници зборуваат на немајчин јазик. Мошне важно во земјите и културите кои не се многу вешти со странски јазици!

Факултети.мк:Имате ли можеби друг јазик на ум како следен предизвик?

Друг јазик? Родените на овие простори имаат предност што преку македонски, српски/хрватски, можеме да разбереме скоро кој било словенски јазик, вклучувајќи и руски. Со англиски и германски се покрива голем дел на Европа, а италијанскиот ми овозможува базично разбирање на другите латински јазици.
Веројатно кинескиот би бил соодветен следен предизвик, бидејќи дел од карактерите (Канџи) се слични или исти со јапонскиот, но реално со моите обврски веројатно ќе мора да прифатам само усовршување на шпанскиот и францускиот.

Факултети.мк:Работите во „Панасоник“, може ли поточно да ни дефинирате кои се Вашите обврски? Како изгледа еден Ваш работен ден?

-Покрај активностите како претставник на „Панасоник“ во различни бордови каде се дефинира насоката на нашите идни активности, дел од мојата секојдневна работа е креирање страгетија за развој на производите на „Панасоник“ во Европа, посебно медитеранските земји и југоисточна Европа. Целта е навремено да се развијат и лансираат производи со соодветни технологии на многуфрагментираниот европски пазар, кои ќе бидат пристапни до голем број корисници, но ќе бидат со мошне висок квалитет (како што е карактерисктика за производите на „Панасоник“). Тоа често вклучува интензивен развој на нови технологии, имплементации на нови идеи, но и преговори со државни регулатори или агенции, министерства како и постојана соработка со сите наши партнери (на пример, во секторот за радиодифузија тoa се често најважните европски радиодифузери).



Факултети.мк:Која област од електротехничките науки Ви е потесна специјалност и предизвик  за работа?

-Формалното образование ми е електроника, телекомуникации и информатички системи. Сѐ уште сум дел од одделот за истражување и развој (R&D), но главни задачи денес се управувањето со технологија (Technology Management) и бизнис-стратегија (Business Strategy). Раководам со развојот за Централна и Источна Европа и медитеранскиот регион и го претставувам „Панасоник“ во неколку управни одбори и конзорциуми. Во минатото базиран во Велика Британија, раководев со развојот на новиот бизнис за „Панасоник“ во Европа, а пред тоа 10 години во Јапонија беа инвестирани во истражувања вклучувајќи вложување vo стартапи во Силиконската долина (САД).
Предизвиците моментално за целата индустрија на консумерска електроника (Consumer Electronics) е што минуваме низ неверојатно динамичен период каде промените се случуваат со огромна брзина. Тоа се должи во голем дел на глобалните трендови каде информациите стигнуваат до кој било дел од светот скоро моментално.
Има огромен притисок од конкуренцијата и потребна е агилност и иновативност да останете на пазарите со истиот квалитет и покрај падот на цените на крајните производи секоја година.

Факултети.мк:Имате импресивно образование. Дипломирани сте на УКИМ, на ФЕИТ, потоа сте учеле и во Берлин, па на Стенфорд, како и на Институтот за технологија во Токио.  Сите образовни институции на кои сте учеле имаат свој специфичен систем на работа, кој секако е различен. Што Ви донесе секоја од нив, може ли да ни направите некаква споредба?

-Споредбите не се едноставни бидејќи на секој универзитет бев во различен степен од мојата академска и професионална кариера, но дефинитивно солидната база која овозможи успех насекаде ја добив на УКИМ! Само како илустрација е фактот дека после само шест месеци престој во Јапонија студент од УКИМ може да положи испит по математика на јапонски јазик за постдипломски студии.Стенфорд и Силиконската долина е дел од светот каде имате чувство дека креативноста нема лимит и новите идеи и истите можат да се реализираат мошне брзо и лесно. Регионот е магнет за најголемите умови на светот, кој комбиниран со добра клима и животен стил дава резултати што сите ги знаеме.
Германија е мошне попрагматична, специјализирана и прецизна, каде има структура во пристапот кон проблемите, додека Јапонија има мошне големи буџети за истражување каде може да се работи на истражувања и проекти кои не би добиле лесно финансирање во други делови од светот, а некаде би биле квалифицирани и како научна фантастика.
Мене, лично, искуствата од академскиот живот и професорската кариера во Токио ми отворија многу врати во професионалната кариера во приватниот сектор – не е ретко успешни менаџери од „Панасоник“ да се вратат на крај од кариерите како предавачи/професори на универзитет во Јапонија.

Факултети.мк:Каде се чувствувате најмногу свој, кој систем на образование најмногу Ви помогна?
-Интересно прашање, но мислам дека не беше еден единствен систем кој би го издвоил, туку комбимнацијата од искуства од сите нив е тајната формула. Сепак, ако морам да издвојам, Стенфорд е едноставно кампус каде што секогаш се враќам со задоволство да ја почувствувам позитивната енергија и креативност.

Факултети.мк:Самитот 2016 на Macedonia2025, ги собра на едно место некои од најголемите умови на денешницата од светот на бизнисот, науката и технологијата.... Дали Ви е чест што бевте во вакво друштво?
-Секако дека е голема чест и привилегија што сум дел од еден таков настан. Минатата година бев поканет како говорник, а оваа година се обидов да донесам и неколку истакнати експерти од мојата мрежа на пријатели и соработници и да организирам две сесии како модератор (Panel Chair).
Често учествувам на слични самити но Мк2025 е дефинитивно настан со врвен квалитет. Беспрекорна организација, одлични говорници и теми и многу позитивна атмосфера. Со такви атрибути би можел да се одржува во Лондон, Токио или Силиконската долина и да привлече многу посетители.

Факултети.мк:Вие бевте еден од говорниците на овој Самит, која беше вашата порака?

-Во сесијата за иновации и технологии, допревме до неколку теми мошне блиски до мене каде се обидов да дадам една севкупна слика на сегашните трендови од повеќе аспекти: Од академската анализа и визија за иднината, мал поглед во иднината на теле
здравството до прагматичните примери од телекомуникациите и IoT (Internet of Things) денес.
Сигурен сум дека во следните години ќе бидеме сведоци на неверојатни општествени промени каде многу од работните места и професии нема да бидат потребни.На пократок период битно е да се потенцира дека главните промени се драстично намалување на вообичаениот “Иновациски циклус”. Со други зборови, времето што преостанува за враќање на инвестицијата (Return on Investment) после вложување во нови технологии е навистина кратко, што го прави пазарот посоодветен за агилни компании и иноватори.
Од друга страна, бариерите за влез и иновирање се намалени и субјекти кои порано не би имале шанси за натпревар, стануваат полноправни играчи. Не е доволно да се биде само технолошки лидер, туку продуктите и решенијата треба да се направат брзо, едноставно, евтино и да бидат прифатени за што поголем број на корисници.
Разликите меѓу успешните и останатите е во тоа кој побрзо ќе ги разбере трендовите во таква динамична средина, кој ќе се прилагоди и ќе реагира соодветно со брза иновација.

Факултети.мк:Што би им порачале на младите од Македонија кои се тргнати на пат на кој се откриваат себе си и своите можности?

Три работи:
1.    Грешки: Учете од грешките и немајте страв од можна грешка. Сите, па дури и најуспешните правеле и ќе прават грешки, разликата е само како со тоа ќе се соочите и ќе одите понатаму.

2.    Време: Тоа е најдефицитарниот и најскапоцениот ресурс денес, кој мора да се користи умно. Внимавајте како и каде го трошите времето и секогаш гледајте можност да оптимизирате, посебно на процеси или активности кои се повторуваат.

3.    Комуникација: Пристапете на нештата со самодоверба, но заборавете ја ароганцијата. Имајте желба да научите од подобрите од вас. Комуникацијата со надворешниот свет, способноста за соработка и т.н социјални вештини (soft skills), се дел од одликите на еден современ менаџер.

Исак Њутон рекол: “Ако успеав да видам подалеку, тоа е бидејќи стоев на рамена на џинови” (“If I have seen further it is by standing on the shoulders of giants.”)
Подготвил: M.A

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот