X
 16.11.2016 Живот

„Книгата што ја украдов, ми го спаси животот“ – Џен Ешворт


Животот дома ми беше очајно несреќен, ни на училиште не беше подобро. Единствено место каде што заборавав на тагата и осаменоста, беше библиотеката. 

Џен Ешворт

Бев многу несреќно дете. Омразата на училиште, катастрофално лошиот брак на моите родители и воспитувањето во црква со многу правила, а малку сомилост, ме направија екстремно гневна и повлечена, и повеќе од тоа, сè додека не станав способна да го напуштам домот.

Девојче како мене бара место да се засолни и да чека додека не помине детството. Некои деца излезот го бараат во компјутерите. Други, пак, во своите пријатели – но поради тоа што одбивав да одам на училиште, немав ни другари. 

Извесно време, мајка ми работеше попладне во продавница во рамките на шопинг центарот. Не сакав да седам сама дома, па често одев да работам со неа или да седам на клупите пред дуќанот додека ѝ трае смената. Понекогаш ми здосадуваше или ми застудуваше, и шетав низ центарот на градот, гледајќи во излозите. Во друга прилика, одев во библиотека. 

Додека мајка ми работеше втора смена, и кога јас требаше да бидам на школо, ќе си „зафатев“ една столица покрај големите, челични радијатори и ќе читав. Домашните не ми беа по книгите, а јас не одев на училиште, па немав идеја што треба да изберам. Не можев да направам разлика меѓу вредни книги и шунд, и не знаев со што треба да почнам: фикција или научна литература.

Не се сеќавам дека ми пришол библиотекар, за да ме советува што да читам или да ме праша зошто не сум на школо. Никој не ми понудил членска карта, за да можам да ги изнесувам книгите дома. Библиотекари од средината на деведесеттите во Harris Library, ако го читате ова, знајте дека премногу сум ви благодарна што ми „дозволувавте“ да бидам целосно сама во тие неколку часови поминати во библиотеката.

Еден ден, на моја 12-годишна возраст, уште од рано изутрина се изморив од долгите кавги за моето (не)одење на училиште. Не можев да објаснам зошто не сакам да одам. Тој ден, избегав во библиотеката и открив нова полица: „детска фикција“, така ја имаа наречено. Скокав од Енид Блајтон до Агата Кристи, ги џвакав Рут Рендел и Стивен Кинг.

Првата книга што ја зедов имаше многу интригантен наслов: Fly Pie and the seventeen million pound baby (откако беше реобјавена како The baby and Fly Pie). Си го фатив местото покрај радијаторот и почнав да читам. Не само што заборавив дека сум тажна, осамена и уплашена, веќе не бев ни присутна во библиотеката, бидејќи се најдов во темниот дистописки свет на авторот Мелвин Бургес што го создал за Шам и Флај – децата губитници и сираци – напуштени од нивните мајки и оставени во еден хаотичен град. Очајни и сами во опасниот свет на возрасните, децата паѓаат во рацете на Фагин – човек којшто ги „вработува“ да собираат ѓубре. Во целиот неред, тие успеваат да одземат бебе од човек на умирање. Книгата е чудна, застрашувачка и насилна: ми изгледаше како најреалистичното нешто што некогаш сум го прочитала. Зошто суровиот свет на Шам и Флај ми беше утеха?   

Кога стигнав до последната страница веќе беше ручек-време. Не бев гладна. Ја свртив книгата од почеток и повторно почнав да ја читам. Сакав да откријам како Бургес успеа да го запре и да го растегни времето, како му успеа да направи процеп во светот, доволно широк за да може некој како мене преку него да избега. Ќе звучи како клише, но срцето си го чувствував во грлото.

Кога по вторпат ја прочитав, школскиот ден беше на крајот. Тргнав кон дома, и нешто се промени. Отсекогаш сум пишувала дневници, раскази, песни. Се надевав дека пишувањето ќе биде единственото нешто во кое сум добра. Сега знаев како да направам место, со помош на зборовите, за некој да може да се смести во него. Драги библиотекари од Harris, од средината на деведесетите: ја украдов книгата и не се каам поради тоа. Таа ми го спаси животот.   

Џен Ешворт за Гардијан.
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот