X
 19.11.2016 Здравје

Разговор со Наташа и Столе, активисти за правата на животните: Веганството го вади максимумот од секој организам


 
Наташа Кнежевиќ и Столе Велковски се добро познати активисти и борци за правата на животните. Од петни жили се трудат да му помогнат на секое животинче и да ја подигнат свеста и хуманоста кај граѓаните. Тие се и брачен пар кој ја направи првата веганска свадба во Македонија. На нивната веселба се служеа само вегански специјалитети, а веганството е животен стил кој го живеат повеќе години.

- Преминувањето на ваганство беше одлука од исклучиво морална природа. По долгогодишно живеење како вегетаријанци (лица кои од исхраната го исфрлуваат месото, но не и млекото, млечните производи и јајцата), сфативме дека тоа едноставно не е доволно. Консумирањето млеко/млечни продукти и јајца се базира и поддржува индустрија на експлоатација, обезличување/опредметнување на животните , индустрија која се темели на најсвирепо скористување на мајки и деца - велат тие.

Столе и Наташа потенцираат дека веганството не е никако само начин на исхрана, зашто со тоа најчесто се поистоветува.Тоа е морална позиција, oпштествено движење за слобода и правда; борба против дискриминација, насилство, експлоатација, убивање на животните.



- Веруваме дека животните се вредни сами по себе и дека треба да бидат ослободени од злоупотреба, експлоатација и за тоа се бориме.Веруваме дека насилството врз луѓето и врз животните имаат заеднички корен – уважувањето на правата на животните е прв чекор кон праведност и напредок во едно општество. Не може да зборуваме за правда и правичност додека преку својот индивидуален животен пример поддржуваме ропство, насилство врз свесни, сетилни битија, плаќаме и консумираме страдање.Веганите се водени од убедување дека животните не смеат да бидат исклучени од системот на правда и правичност. Етичката конструкција која во нашето општество се практикува спрема животните, всушност го покажува несоодветниот лажен морал, како би се оправдало злосторството над послабите од нас. Вистинските морални вредности не трпат безобѕирно спроведување на волјата на посилниот (во случајот човекот), зависно од неговите лични интереси. За веганите е неприфатливо и нелогично да се повикуваме на морал само тогаш кога моралните вредности ни користат нам, кога нашите права се доведени во прашање, кога моралот не штити од моќите на посилниот, а да молчиме за правата на оние кои зависат од нашата совест и свест, а тоа се животните. Не –човечките животни, затоа што биолошки и човекот е животно. Освен наведеното веганството е вистинскиот избор и гаранција за вашето здравје, филозофија на живеење со која се борите против природните загадувања и расипништво на се подрагоцените природни ресурси во светот (храна, почва и вода) додека во светов милиони лица умираат од глад - вели Наташа.


Веганството и вегетаријанството се во силен подем во Македонија, се организираат фестивали, постојат организации кои го потврдуваат ова, иако нема официјални податоци за бројката вегани и вегетаријанци. Столе и Наташа ги радува тоа што сè почесто наидуваат на одобрување од околината. Да се биде веган повеќе не е табу тема во Македонија,а благодарение на сè поголемата достапност до информации, веганството е во континуиран и силен пораст. Ги прашуваме дали е проблем да се набават намирниците кои им се потребни за балансирана и здрава исхрана.

- Да бидеме искрени во почеток наидовме на потешкотии, особено што како етички вегани не располагавме со доволно интерес за исхраната ниту пак со некои кулинарски знаења и вештини. Тековно од исклучувањето на било какви продукти од животинско потекло произлезе голем кулинарски предизвик, особено што Македонија како поднебје изобилува со разновидна растителна храна. Веганската кујна вклучува богат избор намирници кои вообичаено не ги користиме, веганската храна воведува фантастични новини во комбинирањето продукти. Охрабрувачки е и што македонскиот пазар ја увиде потребата од веган храна, се отвораат вегански ресторани; т.н „продавници за здрава храна“; се повеќе се увезуваат и готови вегански продукти кои ги има во Европа и светот - раскажува Столе.

Постојат лекари и нутриционисти поддржувачи на веганството, но има и такви кои го оспоруваат, изјавувајќи дека е штетно за здравјето. Како и за сè друго и за ова прашање има две струи. Наташа објаснува дека добро планираната, избалансирана веганска исхрана преставува здрава прехрамбена алтернатива во секој стадиум на животниот циклус (бременост кај мајките и пренаталниот развој на бебињата, доенчињата, детството, младоста и понатаму во животот) и го штити организмот од најсмртоносните болести на денешницата ( вклучително коронарни заболувања и инфаркт, висок крвен притисок, мозочен удар, дијабетес, гојазност и бројни облици на канцер).

- Живееме во време кога се кршат бројни митови и заблуди, а тоа се однесува и на исхраната. Науката секој ден ни носи нови откритија ,достигнувања, но потребно е време, желба, отвореност да истите бидат разбрани и прифатени. Токму поради здравствени придобивки, во светот расте бројката на вегани, се отвараат училишта и градинки со комплетно веганско мени, спортисти, дури и екстремни спортисти стануваат вегани или вегетаријанци.Во овој временски контекст е неприфатливо стигматизирањето на веганството како животен избор.

Ова е време во кое дури и Светската здравствена организација го има исклучено месото од листата на здрава храна (во набројувањето ШТО спаѓа во здрава храна, месото не е спомнато http://www.who.int/mediacentre/factsheets/fs394/en/- а ниту пак млекото). Индивидуално никакво влошување на здравствената состојба немаме почувствувано откако станавме вегани - напротив веганството го вади максимумот од секој организам, дава дополнителна енергија, веганската храна го прочистува и јакне телото, но и духот - вели Наташа.



На нивната трпеза има многу зеленчук на скара, полнет зеленчук со вегански сирења или намази, плескавици од наут, леќа, хелда, црвен грав, соини шницли, шницли од темпех и разни сосови, турли тава, мусака, тестенини со зеленчук, секакви комбинации со ориз.

И двајцата се познати активисти за правата на животните, постојано се борат за подбро утре и статус на оние кои не можат да се иборат сами-животните.

- Ниту една промена не се случува преку ноќ, потребно е силно лично вложување, посветеност и време, процесот знае да биде фрустрирачки. Но, среќни сме што сме дел од едно колективно движење и даваме свој придонес во одбрана на послабите, на оние кои зависат од човековата совест, сочувствителност и свест. Голем дел од промените во општеството настанале благодарение на лица со цврсти убедувања и одлучност, кои се посветувале до крај. Самостојното дејствување, или дејствувањето во мали групи може да доведе до големи промени. Веруваме дека таква промена во македонското опшество поттикнува секоједен веган (како поединец преку својот личен пример), но уште повеќе доколку дејствуваме во заедница и здружено како што тоа го прави Анима Мунди и сите останати здруженија, активисти, наши пријатели и соборци - вели Столе.

Првата веганска свадба во Македонија

Кога Столе и Наташа решиле да организираат свадбена веселба немало воопшто дилема што ќе биде на менито за гостите.



- За нас беше логично да доколку имаме свадбена веселба истата биде во согласност со нашите убедувања, императив беше да се служат само вегански јадења и секако беше и голем предизвик. На огромно задоволство предизвикот беше уште поголем за готвачот Дарко (вила Веранда) кој во целиот процес се впушти со огромен професионализам и ентузијазам - пред да биде дефинирано менито експериментираше, готвеше за нас, пробавме сè и сешто и не одушеви. Мислиме дека гостите уживаа и дека во најмала рака се убедија дека веганската исхрана е разновидна и вкусна - велат тие.
Подготвил: М.Ф.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје