X
 26.11.2016 Живот

Писмо од студент: „Денес го напуштив предавањето, денес оваа држава ја напушти мојата најдобра другарка“

Денес го напуштив предавањето на професорот од Медицинскиот факултет, денес оваа држава ја напушти мојата најдобра другарка. Заминуваше некаде во пет часот приквечер во ноември, сакаше да студира во Романија. Јас веќе бев на факултет, па решив да го напуштам предавањето на сред час за да се поздравиме, не се знае кога повторно ќе се видиме, иако ја очекувам за Нова Година или, пак, за Божиќ.



Предавањето, ништо посебно, стар професор пред пензија, фазија на говор, кратковидност, бела коса и црни очила. Слушам како предава за неговото искуство во Франција, познавањето на францускиот јазик, Лондон, Југославија, веројатно и медицинската етика која ја пропуштив од предавањето. Така, на излегување, ми се чудат студентите каде бе другар? Зарем не сакаш да гледаш драма? И онака си во „амфитеатар“. Ништо, направив една гримаса како да не ме интересира, како да сум некој што дошол колку да се потпише дека присуствувал. Си мислев колеги подобро да не знаете каде одам јас. Одам да се збогувам со пријателка, другарка од средно и партнерка од матура.

И така, одејќи низ гужвата која сите ја знаеме низ Клиничкиот центар, да фатам автобус и да стигнам, барем на време да сум таму. Ми поминуваа мисли на тага и среќа воедно. Жал ми е што ќе си замине, на кого не би му било. Си помислив, па добро не ти е прв пат да се збогуваш со некого, па да не го видиш за неколку месеци или година. Од друга страна пак, се радувам зошто некој толку значаен во мојот живот оди некаде да си ја најде својата среќа, некаде каде што ќе може да ги истакне своите огромни знаења, а и да ги зголеми во друго.

Одејќи кон минибусот со кој што ќе патуваат сите студенти, гледам различни ликови - некои се радуваат, некои плачат други пат ѕвонат на мобилните „Мамичка, како е во автобусот“, „Се смести ли“, „Тесно ли е седиштето“. Па и тесно е да ви кажам, едвај може да се влезе, секој носи најмалку по три куфери. И така, вртејќи се наоколу си помислив каде се изгуби другарка ми. Доцни ли како и секогаш, си помислив. Имаше така навика да доцни каде и да оди, па заедно си доцневме секогаш. „Аман бе, уште колку имаш, се смрзнав чекајќи те“.
Тука беше, седнала и тоа баш во првиот ред. Не можевме да се поздравиме, заради куферите кои се наоѓаа на сите страни во минибусот. Нашиот поздрав беше рака на рака на маглив, смрзнат прозорец. Тоа ми кажуваше дека и е топло внатре, оти знаеше да каже дека и е ладно во средина на август. Едноставно, не беше родена во зима.
Ми текна на сестра ми. Скоро веќе пет години не живее тука, студира во Словенија. Си замина кога јас требаше да сум прва година средно. Си велам колку ми фали и тоа многу, сестра и брат, кој разбира. Уште кога имаш две сестри, а ти си најмалото во цело семејство. Си помислив на неделниот ручек кога целото семејство се собира, а ние никогаш не јадевме заедно. Секогаш фалеше еден член. 
Си продолжив јас по мојот пат, таа остана да чека. И животот така некако, една иста лекција научена во сон да можеш да ја раскажеш, но се повторува и тоа многу пати. Еднаш со родителот, друг пат со сестра ти и на крајот со пријателите. Следниот си самиот Ти.

И уште нешто, животот е сигурно некаде таму.

Пишува: Бојан С.
Подготвил: Бојан С.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот