X
 29.11.2016 Култура

Осврт на Џорџ Орвел кон „Мојата борба“ од Адолф Хитлер


Џорџ Орвел

Кристофер Хиченс еднаш напишал дека трите главни прашања на дваесеттиот век се империјализмот, фашизмот и сталинизмот, а се покажало дека Џорџ Орвел бил во право во врска со сите нив.

Орвел ја покажува својата извонредна предвидувачка моќ во фасцинантниот осврт од март 1940 година кон озлогласената биографија на Адолф Хитлер, Мојата борба (Mein kampf). Во рецензијата, авторот вешто ја пресекува во корен Хитлеровата токсична харизма, а попатно ги навестува темите што подоцна ќе се појават во неговите ремек-дела, Животинска фарма и 1984

Факт е дека од него зрачи нешто многу привлечно. […] Хитлер знае дека луѓето не сакаат само удопства, сигурност, пократко работно време, хигиена, контрола на наталитетот, и воопшто, сè што почива исклучиво на здравиот разум; тие, исто така, барем понекогаш, посакуваат борба, пожртвуваност, а да не споменуваме барабани, знамиња и паради на верност. Меѓутоа, колку и да се фашизмот и нацизмот само економски теории, тие се многу поздрави од кој било хедонистички концепт за светот и животот.

Сепак, Орвел со сигурност не беше поддржувач на Хитлер. Во еден момент во освртот, тој замислува како би изгледал светот со кој владее Третиот Рајх:

По сто години во иднината, Хитлер замислува некаква постојана држава каде што живеат 250 милиони Германци на голем ‘простор за живеење’ (што би се простирал до Авганистан или таму некаде), некакво ужасно безумно царство во кое, во суштина, никогаш ништо нема да се случува, освен што таму младината ќе се вежба за војна и каде што непрекинато ќе се создава свежо топовско месо.

Орвел текстот го напишал во момент кога, како што вели тој, високата класа тешко се оградува од нивната претходна поддршка на Третиот Рајх. Всушност, претходното издание на Мојата борба, објавено во 1939 година во Англија, имало изразито позитивно мислење за Фирерот.

Очевидна била намерата на предговорот и на белешките на преведувачот да ја ублажи жестокоста на книгата и да го претстави Хитлер што е можно во подобро светло. Дотогаш Хитлер сè уште уживаше почит кај луѓето. Тој го задуши германското работничко движење, поради што имотната класа беше подготвена сè да му прости. Потоа, одеднаш се покажало дека Хитлер сепак не е вреден за почит. 
 
До март 1940 година, сè се променило и во Англија се појавило ново издание на Мојата борба, во кое се одразиле променетите ставови за Хитлер. Британија и Франција ѝ објавија војна на Германија после нејзината инвазија врз Полска, но вистинската војна допрва почнувала во Западна Европа. За неколку месеци паднала Франција, а Велика Британија била на работ. Но, во раната пролет во истата година, сегде било прилично тивко. Светот земаше оддишка. Во тој момент на застрашувачка неизвесност, во голем дел Орвел ја предвидел идната војна:

Ако ги споредиме неговите зборови што ги изговори пред една година со зборовите што ги кажал пред петнаесет години, ќе бидеме вчудовидени од крутоста на неговиот ум, од непроменливоста на неговиот светоглед. Во него е скаменет занесеник со фикс-идеја што останува речиси недопрена без разлика на повремените маневри со кои се служи за да ја оствари својата политика на моќ. Веројатно, според неговото мислење, руско-германската спогодба била само мала измена во курсот на движењето. Според планот поставен во Мојата борба, било предвидено прво да ја прегази Русија, а потоа да ја збрише Англија. А, сега излезе обратно. Прво да се пресмета со Англија, бидејќи Русија успеа лесно да ја поткупи. Но, Русија е наредна откако Англија ќе се измори – барем Хитлер така се надева. Дали сè ќе се случува според планот е веќе друго прашање.     

Во јуни 1941 година, Хитлер ја нападнал Русија, во една од најголемите стратешки грешки во историјата на модерното војување. Сталин бил затекнат од инвазијата и од вестите за предавството на Хитлер, што го довело на работ од доживување нервен слом. Тоа и се очекувало, бидејќи тој не ја прочитал Мојата борба темелно како што тоа го направил Орвел.  

Целиот осврт на Џорџ Орвел на англиски јазик, можете да го прочитате на следниов линк.
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура