X
 01.12.2016 Култура

Интервју со Васко Шутаров, директор на Културно-информативниот центар во Софија: Грев е да сте невидливи во културна метропола!

Јас сум прилично отворен како човек кон нови идеи, концепти на работа, знам да прифатам сѐ што младите уметници го предлагаат за да имаме што подобар финален продукт. И би ги издвоил актерите Иван Калошев и Игор Дамјанов, режисерите Ана Батева и Ѓорги Георгиев-Антика, музичарите Сара Костадиновска и Ива Христовска, со кои работев многу добро, среќен сум кога ќе разберам дека веќе нижат успеси на македонската музичка сцена.




Културната дипломатија е негова професионална определба. Веќе пет години го раководи Културно-информативниот центар на Македонија во Софија, неуморливо работи за промоција на нашата култура организирајќи повеќе настани од многу културни институции во Скопје. По негова иницијатива се случи изложбата „Конекција“, која вечерва ќе биде отворена во „Мала станица“, а во која група наши уметници што се образовале во Бугарија заеднички излагаат. Шутаров е еден од најотворените за соработка менаџери во културата, а за тоа кажуваат сите наши уметници што на каков било начин гостувале во КИЦ Софија. Никој не се вратил непречекан и секој бил соодветно пласиран пред бугарската културна јавност.   

Факултети.мк: Културно-информативниот центар во Софија има големо значење за ширење на македонската култура и за афирмирање на нашите автори од сите области. Како успевате да фатите такво темпо, со оглед на тоа дека едвај имате кадар за реализација на програмата?


-Добро го споменавте зборот темпо, работата во културата, наспроти одредени предрасуди, е најмалку рекреативна работа. Освен тоа, Софија како голема метропола е и голем културен центар, а во тоа мноштво од културни настани грев е да не бидете видливи, препознатливи, а зошто не и популарни. Културата во овој контекст јас ја разбирам како размена на добра енергија, ако сакате и добра емоција, со публиката, поради која културата во најголем дел и постои. Вистинска среќа за мене е што сум лично и вистински вљубеник во културата. Во многу животни премрежиња, кога животот и не бил толку милозлив кон мене, книгата, музиката, театарот, операта или балетот биле простор од кој сум ја црпел најдобрата можна енергија, за да опстојам, да застанам повторно на нозе и да тргнам напред. Должник сум ѝ на културата, а во својство на директор на нашиот центар во Софија, постојано во функција на најдобра можна промоција на нашата култура и во Софија, но и во многу други градови во Бугарија. Звучи како флоскула, но можам најискрено да потврдам дека нема поубава работа во животот од работа во која се вложувате целосно, со најголема љубов. Тоа предавање кон работата секогаш се возвраќа, најмногу со возвратена добра енергија од уметниците што сте ги претставиле, од публиката, од медиумите. Точно е, работам само со двајца мои помошници, но и тие го прифатија моето темпо на работа, си ја сакаат и си ја почитуваат работата и што е најважно, веќе многу добро ја познаваат оваа работа. Ја користам оваа можност и да ги споменам Силви и Иво, воедно и да им се заблагодарам што ниту еднаш, баш ниту еднаш не дозволиле да се случи ситуација во која би морал да повишам тон за да ги поправам работите. Знам дека многу наши уметници и гости и по нивното заминување од Софија остануваат во добри пријателски релации не само со мене, туку и со нив двајцата.

Има успешни Македонци во Бугарија


Факултети.мк: КИЦ важи за важно сврталиште на студентите и дипломираните Македонци во Бугарија. Со нив соработувате во многу проекти, тие се Ваша редовна публика и логистика.  Ви значи ли кога младешката енергија го запоседнува центарот?

-Кога пристигнав на своја дипломатска и културна мисија во Софија, имав мал хендикеп и многу добра волја да го надминам што поскоро - не познавав речиси никого, немав ниту еден телефонски број во именикот на кој би можел да се јавам, за добро или лошо, што би се рекло. Но затоа, во мојата прва година од вториот мандат овде, горд сум на секое ново пријателство што го стекнав, меѓу бугарската академска и културна средина, меѓу публиката со која во голем дел одржувам и лични контакти. Македонците, кои после студиите во Бугарија останаа да живеат и работат овде, се посебно добра и за мене драга приказна. Немаше тенденциозност во градењето на тие добри релации и контакти. Си се најдовме на половина пат, помеѓу нивната огромна желба, талент и труд  што го вложуваат овде да успеат, и мојата, колку што можам да им помогнам во тие напори, но да ни помогнат и нам во нашата, за градење  еден подруг и поотворен пристап во работата. Имаме ние овде многубројни поранешни студенти од бугарските факултети кои денес се успешни луѓе во своите професии, лекари, ветеринари, стоматолози, менаџери или ИТ-професионалци, да не ги редам сите професии каде што среќавам наши млади луѓе. Јас сум посебно близок со цела една генерација ликовни уметници, актери, режисери, музичари, кои останаа овде да работат. Генерациски и не сме толку блиски, но работата по одредени проекти што ги реализираме заедно нѐ зближи многу. Јас сум прилично отворен кон нови идеи, концепти на работа, знам да прифатам сѐ што младите уметници предлагаат за да имаме што подобар финален продукт. И би ги издвоил актерите Иван Калошев и Игор Дамјанов, режисерите Ана Батева и Ѓорги Георгиев-Антика, музичарите Сара Костадиновска и Ива Христовска, со кои работев многу добро, среќен сум кога ќе разберам дека веќе нижат успеси на македонската музичка сцена. Режисерот на најгледаните бугарски ТВ-серии, Зоран Петровски, и Горан Митевски, успешен млад менаџер во Софија, се примери на млади за кои многу сакам и домашната јавност во Македонија да чуе, но и да им овозможи и дома да покажат дел од она што најдобро умеат да го работат.





Факултети.мк: Изложбата „Конекција 2“, која Вие ја поттикнавте, ќе биде отворена вечерва. Како се роди изложбата и каков беше досега приемот во градовите кај што ја прикажавте?

-Станува збор за неформалната група „Конекција 2”, во која се вклучени ликовни уметници кои своето образование го формирале во Бугарија, а дел од нив останаа да живеат и да работат овде. Изложбата е нивно прво заедничко претставување пред публиката во Македонија. Некои од нив индивидуално веќе имаат реализирано успешни самостојни изложби во Македонија, но како група која веќе трета година функционира под закрила на нашиот центар во Софија, се претставуваат првпат. Сосема спонтано дојде идејата за овој ликовен формат, на кој се претставуваат уметници од различни области од ликовната уметност. Идејата беше заедничка, поткрепата наша и на нашето Министерство за култура. Благодарение на тоа разбирање и поддршка, зад нас имаме десетина изложби во многу градови во Бугарија, три изложби во Софија, по две изложби во Пловдив и во Созопол, успешно претставување во Велико Трново, Русе, Стара Загора, Благоевград, Харманли. Бидејќи и приватно се дружам со членовите на групата, знам дека многу им значи претставувањето во Националната галерија во Скопје и интензивно работеа за да се претстават во најдобро можно светло.

Факултети.мк:  Со кои проекти ќе ја завршите годината?


 -Годинава веќе имаме реализирано повеќе од 20 проекти од редовната годишна програма, но и уште десетина други проекти и програми на кои бевме партнери или логистика во организирањето на тие настани. Месеците април и мај, септември и октомври се на некој начин културен шпиц во Софија, веќе неколку години во овие месеци имаме по пет и повеќе културни понуди неделно. Саемот на книгата што традиционално се одржува првата недела во декември годинава нема да има македонски штанд како лани, но имаме среќа да бидеме дел од претставувањето на 15 нови изданија од македонски автори на бугарски јазик, кои излегоа од печат изминативе неколку месеци. Во тој период се организира и еден друг голем Саем од хуманитарен карактер, на кој со колегите од македонската амбасада ќе поставиме наш штанд, ќе продаваме македонски производи и собраните средства ќе ги донираме во хуманитарни цели. Посебно ми е мило што повторно се враќаме со свој штанд на овој Саем на хуманоста, имам прекрасни спомени од претходните години, но и други слични настани од хуманитарен карактер на кои редовно учествувам.
Нашата култура има многубројни пријатели





Факултети.мк: За да реализирате толку обемна програма, сигурно мора да сте создале и многубројни пријатели во земјата-домаќин зашто настаните треба некој да ги посети, пред сѐ. Се зголемува ли листата на познанства што се важни за ширење на македонската култура?

-Во создавањето пријателства се состои и смислата на оваа работа. И не само во оваа работа, зад сите работни ангажмани што сум ги имал во мојата кариера останаа мноштво добри и трајни пријателства. Да, соработувам коректно и професионално со бугарските институции од културата, со многубројни невладини организации и здруженија, со организатори на фестивали. Имам и добри лични контакти со многу познати имиња од културниот живот во Бугарија, професионално сум соработувал со исклучителни актери како Јулијан Вергов, Стојан Алексиев или Албена Колева, со Теодосиј Спасов, на пример, еден прекрасен музичар и човек кон кого имам голем респект. Се познавам лично скоро со сите познати писатели, книгоиздатели, преведувачи, но во овој контекст посебно би го издвоил пријателството со бардот на бугарската литература Љубомир Левчев и неговата сопруга, познатата сликарка Дора Бонева, во чиј дом вратите за мене и за моите гости биле секогаш ширум отворени.  Македонската култура има свои многубројни почитувачи и пријатели во Бугарија, тоа е неспорен факт.

Факултети.мк: На културната дипломатија сте ѝ посветен долги години, а плод на тоа е и книгата „Културна дипломатија“, која годинава беше преведена и на бугарски јазик. Имаме ли многу да учиме за оваа област?

-Ја напишав таа книга најмногу од практични причини - учејќи како се работи најдобро културната дипломатија. Книгата е само еден пресек на најдобрите културно-дипломатски практики во светот, низ призмата на најкарактеристични искуства на триесетина држави и од тој аспект може да биде корисно четиво за сите оние што ги интересира таа тема или е составен дел од нивната работа. Книгата излезе и на бугарскиот пазар есенва, ја има во сите подобри книжарници во Бугарија, имам сознанија дека постои интерес за неа. Во меѓувреме интензивно работам на продлабочување и проширување на таа тема, за мене толку многу атрактивна и љубопитна. Подготвувам втора книга, во која ќе бидат опфатени сите најнови форми на културната дипломатија, како што се сајбер или информатичката дипломатија, околу која се кршеа копја и во текот на претседателските избори во САД, во целиов изминат период. Сакам да се посветам и на едно пообемно дело, специјално за културната дипломатија на земјите од Балканот. Цврсто сум убеден дека културата ќе биде и мегданот и главното орудие што ќе ги приближи, отвори и помири сите отворени процеси на конфронтирање и констернација. Нормално, во овој контекст и со моето работно искуство во оваа област од дипломатијата, можам и теоретски и практично да докажам дека културата го може тоа!
Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура