
Македонската актерка Наташа Петровиќ ја освои наградата за најдобра споредна улога на фестивалот Мостар филм фестивал, кој заврши синоќа. Нашата можеби најангажирана актерка на големото платно во последните неколку години, ја освои наградата за филмот „Лазар“ во режија на Светозар Ристовски. Жирито во своето образложение навело:
Петровиќ ја добива наградата за улогата на Катерина, поради поетичната и ненаметлива игра која на екранот резултираше со уверливост и искреност.
Петровиќ веќе има освоено меѓународни награди. За главната улога во филмот „Како да ме нема“, со кој најмногу се популаризираше, освои награди за најдобра актерка на Ирските филмски и телевизиски награди, како и на Сиетл филм фестивал, во 2011 година. Истата година, таа беше и дел од програмата „Филмска ѕвезда“ на Берлинскиот филмски фестивал и единствен претставник досега на Македонија. Петровиќ е актерка во Театарот за деца и младинци.
„Лазар“ имаше премиера во 2015 година и има неколку меѓународни награди, меѓу кои и две награди на престижниот филмски фестивал во Пула, годинава.