X
 05.12.2016 Живот

Каде се 25 милиони исчезнати кинески девојчиња?

Едноставно, заради контроверзниот закон, родителите не ги пријавиле во евиденцијата.

Две девојчиња Кинезинки

Оваа сторија наликува на заплет од некој трилер. Контроверзниот закон во Кина што заради контрола на наталитетот во најнаселената држава во светот дозволуваше само по едно дете во семејство, резултираше со 60 милиони исчезнати девојчиња. Но, една нова студија сугерира дека дури 25 милиони од исчезнатите девојчиња воопшто не исчезнале, туку не биле пријавени по нивното раѓање, а се појавуваат во пописите на населението подоцна во текот на животот, пишува CNN.

„Повеќето користат демографско објаснување за да докажат дека абортирањето или чедоморството се причина зошто исчезнатите девојчиња не се појавуваат на пописите на населението, но ние откривме дека причината всушност е политичка“, вели Џон Кенеди, ко-автор на студијата и професор по политички науки на Универзитетот во Канзас.

Едно семејство – едно дете

Кога Кина го имплементирала законот за едно дете во 1979 година, државата очекувала дека ќе биде спроведуван од локалните службеници за планирање семејство. Спроведувањето на законот по селата се одвивало многу потешко, затоа што службениците воедно биле и дел од заедницата. Кенеди открил многу случаи каде службениците ја вртеле главата и не ги пријавувале децата родени надвор од правилата за едно дете по семејство.

До средината на осумдесеттите години, кинеските власти попуштиле во ригидноста на правилото, па им дозволувале на семејствата да имаат и второ дете, ако првото им било девојче. Ова ги охрабрило граѓаните од руралните средини во целост да го заобиколуваат правилото. Еден фармер убаво му го објаснил тоа на Кенеди, нарекувајќи ја својата средна ќерка како „непостоечка“.
„Ни објасни дека уредно ја регистрирал својата прва ќерка, но кога се родило и второто девојче, едноставно, не го пријавил. Третото дете што го добил било машко, а го регистрирал како второ дете во семејството“, вели Кенеди.

Ги пријавувале дури подоцна

Освен што прибирале сведочења од селаните, авторите на студијата ги анализирале и кинеските демографски податоци за последните 25 години. Тие открија дека иако семејствата не ги регистрирале девојчињата после раѓањето, ги пријавувале на пописите на населението на возраст од 10 до 20 години.
Споредувајќи го бројот на родените во 1990 година со бројот на вкупното население во 2010, откриле дека постојат четири милиони луѓе повеќе, а од нив еден милион повеќе девојчиња од момчиња. 

„Забележавме дека девојчињата се регистрирани значително подоцна. Тие биле регистрирани пред да стапат во брак, додека машките ги регистрирале пред почетокот на школувањето“, објаснува Кенеди.

24 милиони ергени

Во септември 2015, Кина го укинала законот за едно дете заради растечката економија и стареењето на популацијата. Заради овој закон земјата денес е позната по нееднаквоста на бројот на мажи и жени. Предвидувањата велат дека до 2020 година ќе има 24 милиони повеќе мажи од жени.

Кенеди се надева дека откритијата во неговата студија ќе покажат дека утврдениот кинески „брачен проблем“ според кој милиони мажи не можат да си најдат сопруги, можеби и не е така сериозен како што се мислело.
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот