X
 08.12.2016 Култура

Иницијатива на МОБ: Наместо во игротека, однесете ги децата на претстава

Воведуваме нов термин во текот на неделата, наменет за најмладата публика. Наместо да одат децата во игротеките, да дојдат и да посетат еден културен настан, најави неодамна Горан Цветковиќ, директор на маркетингот во МОБ



Со специјално издвоени термини попладне, Македонската опера и балет ќе се обиде да ги едуцира дечињата и да ги навикнува од најмала возраст да следат оперски и балетски претстави и концерти. Под мотото наместо во игротека, дојдете на претстава, децата ќе имаат шанса да гледаат претстави и во текот на работната недела, не само преку викенди.

- Воведуваме нов термин во текот на неделата, наменет за најмладата публика. Наместо да одат децата во игротеките, да дојдат и да посетат еден културен настан - најави неодамна Горан Цветковиќ, директор на маркетингот во МОБ.
Така, операта „Работилницата на Дедо Мраз“ е закажана на 20 декември (вторник), во 18 часот.

На прашањето кога би имала избор, дали би го однела своето дете на опера или во игротека, скопјанката Љубица Мирчевска вели:
- Имам син. Се разбира, ако го прашате него изборот би бил игротека. Тој простор им е познат на децата бидејќи им е подостапен. Скоро секој роденден се прославува во игротека. На нас, родителите е да ги насочиме нашите деца и да сфатат дека имаат избор. Лани првпат го однесов на детска опера и многу му се допадна. Отидовме и на втора. Се обидов и со балетска претстава, но за 10 минути излеговме од салата. Одлична е идејата и во текот на работната недела да има термини за детски претстави. Сметам дека и репертоарот треба да се збогати, бидејќи на тој начин вложуваме во децата, во нивното образование и култивирање. Отвораме сосема нов свет за нив - вели Мирчевска.

„Работилницата на Дедо Мраз“ е дел од специјалната новогодишна понуда за деца на МОБ. Во претставата учествуваат оперски солисти, детски артисти и детскиот хор на МОБ. Режисер е Љупка Јакимовска, детскиот хор го подготви Теа Богатинова, а соработник на сценариото е Десанка Глигориевиќ. „Работилницата на Дедо Мраз“ е всушност приказна во која се раскажува за изработката на играчките-подароци за децата за Нова Година и брзањето на Дедо Мраз да стаса да ги разнесе до сите деца. Покрај Дедо Мраз ќе ги видиме и Баба Мразица, Месечината, Ѕвончица, Пинокио, Балерина, Снежната Кралица и многу други интересни ликови. Претставата ќе се одигра на малата сцена во МОБ, а билетот чини 150 денари.

Во рамките на предновогодишната понуда, на 24 и 25 декември ќе биде изведен балетот „Снежана и седумте џуџиња“. Бидејќи е викенд, претставите почнуваат во 12 часот.

- Најблагородната публика поторно ќе може да ужива во играта на популарните ликови, Смешко, Учо, Лутко, Спанко, Убавата принцеза Снежана, Принцот, Грдата Вештерка и други.

„Снежана и седумте џуџуња“, е една од најизведуваните претстави за деца во Македонската опера и балет, на која секогаш нашата најмлада популација го исполнувала салонот до последо место - велат од МОБ.
Подготвил: В.Ф

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура