X
 12.12.2016 Култура

Интервју со Коста Петров: Чекор по чекор и ова ќе помине

Коста Петров е основачот на Пи Ворлд, македонска, креативна агенција, која ги организира некои од најголемите светски настани за маркетинг, односи со јавност и човечки ресурси во 30 земји во светот, вклучувајќи ги САД, Канада, Блиски Исток и Азија. Во своето слободно време тој исто така пишува и колумни за американското издание на Huffington Post, како и за Digital Boom, еден од водечките дигитални портали во Северна Африка. За својот придонес во индустријата на настани и медиуми двапати се најде на листата на 30 највлијателни луѓе во индустријата за настани во Југоисточна Европа на Kongres Magazine.



По двегодишна пауза, оваа среда во 19 часот во Дистрикт барот на Хотелот Мериот во Скопје, Коста ќе ја промовира својата четврта книга насловена Никој не рече дека ќе биде лесно.

По тој повод, неколку дена пред самата промоција разговаравме со Коста за новата книга, работата во Пи Ворлд но и предизвиците на водење на глобална компанија во свет кој што постојано се менува.

Коста, доста интересен наслов на новата книга. Ќе ни откриеш ли нешто повеќе за неа?
Никој не рече дека ќе биде лесно е книга која што можеби ми беше најтешко да ја напишам. Пред речиси една година ја напишав првата верзија на книгата но од кога ја прочитав сфатив дека книгата не ме опишува мене, сега, во овој момент од мојот живот. Ја оставив неколку месеци и конечно пред четири месеци почнав повторно да ја пишувам. Не би сакал премногу да откривам но накратко ова е книга за едно патување. Можеби најважното патување во нашите животи. Патување до местото каде што сите наши соништа се наша реалност. Дали тоа место постои или не, им оставам на читателите сами да пресудат.



Дали новата книга го има истиот мотивирачки дух по кој стана препознатлив како автор?
Книгата е дефинитивно мотивирачка но повеќе од се е реална. Во последниве неколку години навистина се променив како човек. Преживеав многу позитивни но и многу негативни работи. Имаше многу врвови но и неколку паѓања во кал. Всушност таков е и животот. Животот не се сведува само на успеси, туку во него ќе има и многу порази. Во него има многу среќа но има и тага. Едното без другото всушност не можат да постојат. Токму ова е и темата на мојата нова книга. За навистина да живееме а не само да преживуваме мораме да ги прифатиме позитивните но и негативните страни на животот. Да се радуваме на нашите успеси но и да продолжиме да чекориме кога ќе паднеме во калта. А тоа некогаш не е лесно. Затоа кога и да паднам, кога и да ми се случи нешто негативно, секогаш си велам- чекор по чекор и ова ќе помине.

Во среда ќе биде промовирано и десетото издание на Се гледаме на врвот. Книгата ти донесе многу фанови но и многу негативни критики. Како се справуваш со нив?
Навистина сум горд на големиот успех на Се гледаме на врвот. Да продадеш 10,000 примероци од книга во мала земја како Македонија е навистина голема работа. Дали ме промени тоа како човек? Не! Мене пишувањето ми е само хоби и навистина не се привзувам ни со бројот на тиражи ни со бројот на негативни критики. Негативни критики секогаш ќе има и мора да има. Некои од нив ги прифаќам но некои од нив навистина ми се смешни. На крајот од денот, читателот решава што ќе чита и на што ќе ги потроши своите тешко заработени пари.



Пи Ворлд, компанијата на која си сопственик овој месец прославува шест години постоење. Која е најважната лекција за претприемништвото што ја научи во овие шест години?
Лекции имаше безброј. Во овие шест години имаше моменти кога навистина почувствував што е успех но и моменти кога навистина не знаев како ќе продолжиме понатаму. Кога си позициониран на 30 различни пазари на 4 континенти, апсолутно се што се случува во светот има ефект врз твојата работа. Оваа година преживеавме се што преживеа светот. Од војната во Сирија, до падот на цената на нафатата, до државниот удар во Турција и безбројните терористички напади, баш се не погоди. И имаше моменти кога навистина не ми се стануваше од кревет! Многу е тешко да прифатиш дека некои работи не се во твоја контрола без разлика на тоа колку ти веруваш во себе, во своите вработени, во својот продукт и во својот успех.
Веројатно најголемата лекција што ја научив баш оваа година е дека секој хаос има рок на траење. Мора да покажеш малку трпеливост но и да сфатиш дека единственото нешто што можеш да го контролираш во твојот живот е твојата реакција на проблемите. Ако паничиш на секој проблем тогаш за жал неуспехот секогаш ќе биде првиот избор. Но ако размислуваш проактивно и најважно од се, ги имаш правите луѓе околу тебе, успехот секогаш ќе биде на твоја страна.

Кои се плановите на Коста по промоцијата на новата книга?
Навистина се радувам на промоцијата но се радувам и на фактот дека конечно ќе имам можност да се одморам малку овој месец. Оваа година 150 денови минав патувајќи по светот поради нашата работа и најважно од се ми е да соберам нови сили за следната година. Со Пи Ворлд во 2017та вледуваме конечно во Америка и целиот фокус ми е насочен кон нашиот успех таму. Знаеш како велат, ако си успеал во Њу Јорк ќе успееш насекаде! Ние успеавме насекаде а сега е време да успееме во Њу Јорк!

За крај, кој совет би им го дал на нашите читатели за новата 2017та година?
Во најтемните времиња знае да биде многу тешко и само да станеш од кревет наутро. Сепак, за да одиме нанапред, најважно е да продолжиме да чекориме. Чекор по чекор, и ова ќе помине.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура