X
 16.12.2016 Образование

Интервју со проф. д-р. Ѓорѓи Маркоски: „Љубовта кон математиката може да ја пренесе само некој што ја сака“

Во оној момент кога ученикот ќе ја види убавината на математиката преку нејзината систематичност, последователност, аналитичност, синтетичност, од тој момент се раѓа љубовта кон математиката, вели проф. д-р Ѓорѓи Маркоски, раководител на Институтот за математика при Природно-математичкиот факултет во Скопје. Денеска Институтот одбелeжува седум децении од основањето. Низ тие седум децении од оваа институција излегле математичари кои своето образование го продолжиле во некои од најистакнатите светски образовни центри и институти, станале еминентни имиња во областа на нивното истражување, успешни предавачи, автори на трудови...



Професорот Маркоски зборува за состојбите во оваа наука денес, проблемите со кои се соочува, но и успесите кои ги нижат нашите математичари.

Факултети.мк: Институтот за математика одбележува 70 години од основањето. Како ќе го прославите јубилејот?

- Денеска, како и секоја година, прво во просториите на факултетот ќе бидат доделени дипломите на дипломираните и магистрираните студенти од претходната година. Потоа, во Македонскиот народен театар, во 19 часот, ќе се одржи свечена академија со пригодна програма.

Факултети.мк: Што сé опфати првиот семинар „Математика и примени“ и кому му е наменет?

- Семинарот се одржа завчера и беше поделен во два дела. Едниот научен, вој беа презентирани трудови за популаризација на математиката, но и на нејзината примена во повеќе области од животот. Предавачи беа професори од Институтот за математика, но и професори по математика од други факултети, кои својот научен степен го стекнале на ПМФ, студенти, постдипломци и асистенти. Другиот дел беше наставен, и во него беа презентирани трудови поврзани со наставата по математика во основно и средно образование. Предавачи беа наставници од основни и средни училишта од цела Македонија кои ги презентираа своите сознанија, видувања и искуства поврзани со наставата, поткрепени со конкретни примери за подобрување на некои делови од наставниот процес. Повеќе информации за Семинарот може да се дознаат на http://im-pmf.weebly.com/seminar-matematika-i-primeni.html

Факултети.мк: Каков е интересот за изучување на оваа наука на Природно-математичкиот факултет? Дали сте задоволен?

- Ако како интелектуалци не размислуваме дека секогаш може подобро, тогаш и нема да биде. Ако се споредат уписите од 1993 година кога јас бев студент и имаше околу 150 кандидати за 60 места, па сé до последните од минатата учебна година кога ги запишавме сите пријавени кандидати, не можам, а да не помислам и на годината кога се пријавија само 12 кандидати. Последниве три-четири години интересот за математика е зголемен, па се запишуваат меѓу 30 и 40 студенти. Тоа веројатно се должи на новите студиски програми, несебичниот ангажман на членовите на Институтот за математика и на факултетот, изразен пред сè преку бројни написи за популаризација на математиката, одличната веб страница на Институтот (http://im-pmf.weebly.com/), соработката со бројни училишта, организации, упатување на студентите на практична настава, соработката со наставцниците од основното и средното образование во истражувања поврзани со наставата... Од бројот на запишаните студенти во последниве три години сум задоволен. Имаме и одлични студенти кои немаат никаков проблем со студирањето. Меѓутоа, имам впечаток дека, генерално, знаењата, од претходното образование, со кои доаѓаат студентите се помали. За успешно да се студира математика, потребно е да се знае сè што се изучувало по математика од основно и средно образование. Генерално, тоа не е случај, и затоа на некои студенти им е малку потешко. Ми се чини дека една од причините за тоа (дека знаењата од основно и средно образование се помали) е заради големиот број наставни предмети (во некои години и по 15) што се присутни во основно и во средно образование. Најчесто учениците само механички користат постапки за решавање, а недостига нивна примена во различни ситуации. На овој начин малку или воопшто не се задржуваат на причините за воведување на одредени поими, закони, својства, теореми... Притоа, учениците кои сакаат да учат математика немаат доволно време да ѝ се посветат. Се разбира и бројот на седмични часови по математика е мал, па нема време за вежбање на содржините што се изучуваат. Има и други причини - големиот број ученици во класовите, немотивираност на наставниците и нивната оптовареност со административни работи, но според мене овие се најзначајните.

Факултети.мк: Каква е државната поддршка за оваа наука? Може ли подобро?

- Најголема поддршка би била да се елиминираат слабостите што веќе ги наведов. Така би добиле многу поквалитетни студенти не само на математика туку и на сите технички факултети. Од нив ќе може да се направи подобар избор на дипломирани студенти кои ќе се занимаваат со наука. Потоа би требало да им се овозможи вработување на најдобрите студенти (особено на факултетите). На пример, до околу 2.000 година, најдобрите 2-3 студенти се вработуваа на ПМФ, а неколку на другите технички факултети. Тоа се случуваше скоро секоја година. Потоа таа практика прекина и сега бројот на вработени на Институтот е многу намален и скоро да нема научен подмладок. Ги снема и научно-истражувачките проекти кои овозможуваа средства за истражувања, научни конференции и слично. Пристапот (електронски) до научни статии е многу тежок, честопати поврзан со финансиски последици за научниот кадар. Така тешко можат да се следат најновите научни достигнувања. Значи, потребна е системска државна поддршка за да се надминат овие слабости.

Факултети.мк: Велат дека математиката е основа за сé во животот. Каква примена има оваа наука во секојдневниот живот?

- Одговорот на ова прашање не би можел да го преточам во неколку реченици, знаејќи дека примената на математиката е најраспространета во сите сфери на човековото постоење и делување. Се разбира, и ниту еден инженер или екомномист не можат без математика. Да не ја заборавиме и секојдневната примена на елементарните делови од математиката во работа со проценти, пропорции, раствори, плоштини, волумени, статистики и слично. Она што можам општо да го кажам е дека математиката како наука го подготвува секој човек на свесно, логично и аналитичко пристапување кон секојдневните предизвици и нивно разрешување, споредување и синтетизирање. Совладувањето на математичките знаења го подготвува поединецот за разумен, спокоен и просперитетен живот.

Факултети.мк: Сите светски истражувања покажуваат дека генерално образованието во Македонија котира многу ниско. Каква е состојбата во математиката? Какви кадри произведува Институтот за математика?

- Не би можел да коментирам за светски истражувања, но можам да коментирам за успехот на студентите на Институтот за математика, кои своето образование го продолжиле во некои од најистакнатите светски образовни центри и институти, станале еминентни имиња во областа на нивното истражување, успешни предавачи, автори на трудови... Сите наши диломирани студенти што отишле во странство немаат проблеми со продолжување на своето образование. Еден сегмент од мерењето на успешноста на учениците кога станува збор за математика се учествата на Меѓународните натпревари и олимпијади, кои сметам дека не се за потценување ако се има предвид целокупната состојба во образовниот систем. За среќа, изминативе 70-тина години, паралелно со развојот на Институтот за математика, опстојува еден цел систем на натпревари, организиран и потпомогнат токму од математичарите во оваа земја, од најниско до највисоко ниво. Она што можам да го забележам е дека сè уште во земјава постојат ентузијасти како меѓу наставниците така и меѓу учениците, кои го одржуваат овој систем во живот. Долгорочно гледано постои опасност од згаснување на тој ентузијазам, зашто сметам дека недостига план за одржување на мотивот за работа и меѓу наставниците и меѓу учениците. Како и секогаш, Институтот за математика останува на својата главна цел, квалитетни студии и квалитетен кадар. Им посакувам на сите сегашни и идни колеги, да ги продолжат годините успешна работа, да се изборат со промените и да останат двигатели во нашето општество.

Факултети.мк: Што мислите за математиката која е дел од новата програма работена според Кембриџ?

- Не можам да разберам, како може одлуките за измени во наставните планови и програми да поминат без консултации со факултетите, институтите и практичарите. Се плашам да помислам на последиците...

Факултети.мк: Ако ја засакате еднаш математиката, ќе ја сакате цел живот. Како да им ја всадиме оваа љубов на првачињата?

- Како и за сè во животот и за љубовта кон математиката треба да помине време. Не би се сложил дека треба да размислуваме од кога, повеќе би рекол како. Познавам многу луѓе кај кои интересот кон математиката и љубовта за нејзино проучување се појавиле на крајот на основното образование, кај други на крајот на средното, а има и такви кои дури на факултет откриле дека нивниот живот ќе продолжи трајно испреплеткан со тајните на математиката. Време е да ги разгледаме опциите за како, а не кога. Според мене, сè додека успешните предзнаења се основата за новиот изучен материјал, математиката ќе биде најлесно совладлив предмет во образованието. Во оној момент кога ученикот ќе ја види убавината на математиката преку нејзината систематичност, последователност, аналитичност, синтетичност, од тој момент се раѓа љубовта кон математиката. Сметам дека од уште од првите училишни задачи, за математиката треба да се грижат наставници по математика, зашто таа љубов кон математиката може да ја пренесе само некој што ја сака. Подготви: В.Ф
Подготвил: В.Ф.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование