X
 16.12.2016 Образование

Одговори од анкетата за студенти: „Немаме достоен студентски живот, а нашите права не се почитуваат“

Резултатите од нашата анкета покажаа дека 81,8 отсто од студентите кои одговориле, сметаат дека немаат достоен студентски живот, наспроти 18,2 кои сметаат дека добро живеат.

Македонските студенти немаат достоинствен студентски живот, голем дел од нив се плашат јавно да го кажат своето мислење, а најмногу им пречат условите во кои живеат, вмешувањето на политиката во образованието, но и надменоста на професорите и тоа што многу од нивните права се само формалност. Ова го покажа нашата онлајн анкета наменета за студентите која ја спроведовме на Денот на македонските студенти -11 Декември. Со оглед на тоа што во истиот ден имавме и предвремени парламентарни избори, очекувано, никој не ни спомна дека е и Денот на македонските студенти.



Резултатите од нашата анкета покажаа дека 81,8 отсто од студентите кои одговориле, сметаат дека немаат достоен студентски живот, наспроти 18,2 кои сметаат дека добро живеат. На ова прашање одговор ни дале вкупно 121 студент. Ги прашавме и дали се плашат јавно да го кажат своето мислење и зошто. Многумина одговорија со да, и тоа најчесто поради страв од последиците од јавно искажаниот став, страв од професори, од надредените или пак поради политичко етикетирање, но и губење на работното место на блиските од семејството. Голем дел од студентите ни одговорија и дека воопшто не им се почитуваат правата, па им се бараат партиски книшки за влез во студентски организации или добивање стипендија, тоа што за сè мора да плаќаат, што клучните реформи се прават без нивно влијание и што живеат во мизерни студентски домови. Еве што ни одговорија дел од студентите на прашањата дали и зошто се плашат јавно да го искажат својот став и кои нивни права не се почитуваат:

“ Да бидејќи нема да има никаква промена со тоа што ќе го кажам моето мислење“.

“ Не се плашам да се изјаснам јавно - меѓутоа сметам дека тоа е комплетно непотребно бидејќи никој не го интересира за тоа каков живот имаме ние студентите.

“ Донекаде се плашам. Затоа што во друштво и во муабет, можам да го искажам моето мислење. Но, на социјални мрежи, форуми или некакви јавни дебати се плашам да се искажам. СЕ ПЛАШАМ затоа што знам дека моето мислење, во случај да е спротивно од личноста од која што зависи некакво мое делување во животот ( професор, власт и слично ) ќе ми донесе неуспех и опструкции во мојата цел. Кај нас не постои никаква демократија и слобода на мислење. За жал, политиката е навлезена во секоја пора од општеството и од нашиот живот како студенти, партиски активисти ни ги водат студентските парламенти, активисти кои се глас на партијата а треба да бидат на студентите. Имаме многу долг пат за поминување за да стигнеме до цивилизирано ниво на почит на туѓото мислење и став, затоа додека не го постигнеме тоа ниво, моето мислење ќе остане за мене, затоа што не сакам да си создадам никакви проблеми во идните мои цели во животот. Не сакам моето мислење да биде причина за паднат испит или за изгубено работно место“.

“И да се каже и да не се каже никој не го слуша гласот на студентите, сега најважни се пензионерите, не се важни студентите не е важно во какви мизерни услови живееме и што јадеме“.

“ Да,бидејќи му се закануваат на моите родители преку телефон и социјалните мрежи,како и градоначалникот дека ќе го изгубат своето работно место“.

“Да, поради страв од освета, преку бркање на родител од работа, не добивање место во студентски/стипендија“.

“ Како и за сите граѓани во РМ, сите права на студентите се само формални. Секогаш се наоѓа начин да се искористи студентот финансиски и трудово, да не добие финансиски надомест или друг вид на награда за постигнатото. Голем проблем се и студентските домови во кои што нема стандардни услови за престој, на пример храната во мензите за која што секој мора да плати ако престојува во домот. Нормално дека сево ова е законски во ред бидејќи има повеќе начини на гледање на проблемот, а никој освен студентите не ја превзема студентската перспектива. Генерално, секој граѓанин на РМ е третиран нестандардно, нељубезно, поаѓајќи од работниците во студентска менза, хигиеничарки во средните и основните училишта, раководители на фирми, вработени во државна администрација, продавачи во продавници, судии и слично, бидејќи секој човек прави притисок на оној „под“ него како резултат на тоа што тој „над“ него му прави притисок“.

“ Ми пречи тоа што не се вклучени студентите преку анкети на факултетите да ги искажат своите мислења во врска со било што . Реформите се прават без никакво известување ,ако нема протести студентите не добиваат ништо, впрочем за се е така, не само за образованието“.

“ Тоа што правата на студентите во најголемиот дел од проблемите што се појавуваат, не се ни земени во предвид, туку факултетите си ги штитат своите професори поради тоа што не би имало нивна замена за нивните предмети и професорите тоа го искористуваат и премногу силно ги потискаат, односно газат правата на студентите, што слободно можам да кажам дека и воопшто ги нема“.
Подготвил: М.Ф.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование