X
 20.12.2016 Живот

Аналитичар на ЦИА тврди дека САД згрешиле во врска со Садам Хусеин


САД  „сè погрешно разбрале“ во врска со Садам и Ирак, тврди аналитичарот на ЦИА, Џон Никсон, кој го испрашувал поранешниот ирачки лидер.

Садам Хусеин

Во текст по повод десетгодишнината од погубувањето на Хусеин, агентот на ЦИА, кој водел неколку разговори со него, тврди дека Америка направила критични грешки во врска со интервенцијата во Ирак и тоа на повеќе начини, пишува Мејл он Сандеј.

Никсон истакнува дека особено било погрешно становиштето на ЦИА кон ставовите на Хусеин за користење хемиско оружје. 

Според неговите зборови, тие имале погрешни проценки и за неговата здравствена состојба, личните навики и директната вмешаност на Хусеин во управувањето со Ирак.

Никсон го критикува и односот на поранешниот претседател на САД, Џорџ Буш, кој во врска со Ирак „го слушал само она што сакал да го чуе“.

Во текот на испрашувањето, Никсон му поставил прашање на Хусеин дали размислувал за превентивен напад со оружје за масовно уништување врз американските бази во Саудиска Арабија.

Одговорот бил: „Никогаш не сме размислувале за користење на такво оружје. За тоа не се расправало. Да се користи хемиско оружје против светот? Кој нормален би го направил тоа? Кој би употребил такво оружје кога не е употребено против нас?“

Никсон признава дека не очекувал ова да го чуе како одговор.

„Ирак не е терористичка држава. Немаме никаква врска со Осама бин Ладен, ниту оружје за масовно уништување. Ниту сме каква било закана за нашите соседи. Но, американскиот претседател рече дека Ирак сака да го нападне неговиот татко и рече дека сме имале оружје за масовно уништување“, рекол Хусеин.

Како што наведува аналитичарот на ЦИА, Садам  всушност верувал дека нападите од 11 септември 2001 би можеле да ги приближат САД и Ирак, затоа што на Вашингтон му била потребна секуларна влада во борбата против фундаментализмот.

Хусеин на крајот на испитувањето истакнал дека Американците ќе доживеат неуспех во Ирак: „Ќе сфатите дека не е така лесно да се владее со Ирак“ , што историјата и го докажа на крајот, се констатира во текстот.
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот