X
 22.12.2016 Технологија

Како руските хакери заработуваат по 5 милиони долари дневно?

хакери

 

Руските сајбер криминалци развија нов начин како да ги измамат компаниите: прикажувајќи вистински огласи на лажни луѓе. Според податоците од истражувачите, на овој начин тие успеале да заработат 180 милиони долари преку онлајн огласната индустрија.


Операцијата е наречена „Methbot“, а ја откриле од „White Ops“, компанија за сајбер сигурност. „Ова е доста напредна сајбер операција која никој претходно не ја видел“, изјави Еди Шварц, главниот оперативец од компанијата.

Целата операција функционира на следниот начин: компаниите плаќаат милиони за скапи видео огласи. Потоа овие огласи треба да бидат испорачани на она што се чини како просечна веб страна, но во реалноста, криминалците создале повеќе од 250.000 лажни веб страни кои не биле воопшто посетени.

„White Ops“ првата криминална активност ја забележала уште во октомври, на која сајбер хакерите заработиле до 5 милиони долари на час, и тоа генерирајќи повеќе од 300 милиони лажни прикажувања на видео записи дневно. Според нивните информации, криминалците добиле огромни блокови на IP адреси - до 500.000, и тоа од два од петте главни интернет регистри. Потоа ги конфигурирале да изгледа како да се наоѓаат во Америка.

Тие создале и прилагоден софтвер за да изгледа дека вистински луѓе ги гледаат огласите. Изгледало дека луѓето имаат „Facebook“ профили иако тоа не било вистина. Хакерите во тоа успеале бидејќи нивниот софтвер функционирал имитирајќи вистинска личност која сурфа во текот на денот и тоа користејќи „Chrome“ преку „Macbook“ лап топ. Медиумските експерти истакнуваат дека лажните 300 милиони прегледи сега оставаат значаен притисок врз медиумските компании кои се натпреваруваат со публика која всушност не постои.

Од „White Ops“ велат дека нивните истражувачи се сомневаат дека креаторите на „Methbot“ се поединечни хакери од Русија, но компанијата засега не сака да објави дополнителни детали. Но, велат дека ќе излезат во јавноста со сите информации, вклучувајќи ги и техничките детали за криминалното делување, за да се обидат да се координираат со останатите во напорите да се спречат ваквите обиди.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија