X
 26.12.2016 Наука

На кој начин уметноста им помага на децата во математиката и критичкото размислување?

Се крие нешто повеќе во цртањето со прсти отколку само правење неред.

 

деца

 

Сигурно сте биле сведок на многу инспиративни и креативни дела на децата, и сигурно ја знаете нивната потреба да креираат и создаваат.


Иако не сакате вашиот дом да биде платно за вашите деца, треба да знаете дека за децата е важно да експериментираат и да ја користат уметноста во текот на нивниот развој и растење. Придобивките од нивното учество во уметнички активности се огромни, а тука може да се вклучат и позитивните влијанија врз физичките, когнитивните и социјалните вештини.

Едно од најпознатите влијанија кои уметноста може да ги има врз децата е развојот на нивните фини моторни вештини. Користењето на алатки како што се четките за боење или боиците може да бидат корисни во изградбата на мускулите кои се важни кога станува збор за пишувањето, вели истражувањето спроведено од Државниот универзитет во Мичиген.

Создавањето на „ремек-дело“ од страна на децата игра огромна улога во развојот на когнитивните вештини како што е јазикот, математиката и критичкото размислување. Раните уметнички експерименти придонесуваат за развој на јазикот - не само со учење на соодветните имиња на форми, бои и материјали, туку и описни зборови кои децата би ги користеле кога ќе ги опишуваат нивните уметнички дела или кога ќе зборуваат за сопствените чувства откако ќе видат различни стилови на уметнички дела“, вели истражувањето. Со изложувањето на детето во креативна средина, родителите им помагаат да ги добијат вештините потребни за идентификување и комуницирање.

Изложеноста и ангажманот со визуелна уметност и музички практики исто така може да придонесе за развој на математичките вештини на детето. „Музичките елементи како што е ритамот, мелодијата и темпото поседуваат својствени математички принципи“ вели магазинот „Young Children“. Поради ова, на музиката може да се гледа како на „природен и развојно соодветен начин да се вклучат дури и најмладите во учење на математиката“. Препознавањето на одреден модел, препознавањето на посебни разлики и броењето се во корелација со визуелните уметности и со правењето колажи или користењето на материјали како што се зрнца со цел да се воведе броењето. Детето добива и задоволство преку креативно истражување и разбирање на основните математички концепти без воопшто да е свесно.

Комбинацијата на јазични вештини и математичко размислување позитивно влијаат врз способноста на детето критички да размислува. Детето ќе треба да одлучи кои бои, форми и големини одговараат на чувството кое се обидува да го изрази.

Кога децата се вклучуваат во уметничко истражување, тие исто така развиваат посилни социјални вештини или „про-социјално“ однесување. Ова про-социјално однесување вклучува споделување, емпатија и грижа. Без разлика дали родителите или наставниците го насочуваат детето кон уметничките откритија, патувањето е од социјален карактер и вклучува одреден степен на соработка.

Кај децата се развиваат комуникациските вештини, само со тоа што ќе играат со малку боја или ќе научат да пејат или да свират. Затоа, бидете креативни заедно со вашето дете.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука