X
 28.12.2016 Економија

Лазе Камчев, КД Фондови: Младите во земјава почнуваат да се интересираат за вложување во инвестициски фондови после 30 година



Вложувањето во инвестициски фондови не е новина во земјава. Оваа можност граѓаните ја имаат речиси десет години, кога се основаа првите инвестициски фондови во Македонија. Сепак, македонските граѓани се уште предност им даваат на банките кога станува збор за чување и управување со нивните пари. Тоа го покажа и неодамнешната анкета на Факултети.мк, во која 73,8 отсто од испитаниците одговорија дека преферираат парите да ги чуваат како штедни влогови во банка, додека 26,2 отсто предност им даваат на инвестициските фондови. За интересот за вложување во некој од инвестициските фондови во Македонија, особено кај младите и за споредбата со поразвиените земји во регионот и во Европа разговаравме со Лазе Камчев, главен извршен директор на КД Фондови.

Факултети.мк: Колкав е процентот на граѓани од земјава кои вложуваат во инвестициски фондови и која е вкупната сума на вложени пари? Колку изнесуваат вложувањата по глава на жител во земјава?

- Граѓаните што вложиле пари во некој од инвестициските фондови во земјава, годинава ќе се радуваат на солидни приноси, особено од фондовите кои своите вложувања ги прават во акции од мултинационални компании на големите светски берзи. Во време кога каматите за штедење во банките се намалуваат, паричните фондови исто така остваруваат солидни приноси за инвеститорите, кои се движат над 2% на годишно ниво и тоа за слободни, неорочени влогови. За жал, инвестициски фондови се многу млада индустрија во Република Македонија, која сѐ уште е во фазата на развој, па соодветно на тоа и процентот на граѓани кои ги користат фондовите како алатка за остварување на своите финансиски цели е симболичен, односно не надминува 1% од вкупното население. Сепак, доколку се анализира низ апсолутни бројки, позитивниот тренд е очевиден. Па така, сега на крајот од 2016 година можеме да зборуваме за просечни 28 евра по глава жител, вложени во инвестициските фондови, за разлика од 2008 година, кога таа бројка изнесуваше 0,4 евра. Во 2017 година ќе го одбележиме и првиот позначаен јубилеј на пазарот на инвестициски фондови, односно десетгодишнинанта од основањето на првите фондови. Оттука, со оглед на сѐ она што до моментов е направено во функција на едукација на граѓаните, нашите очекувања за следната декада се позитивни и во неа фондовите би требало да го покажат својот вистински потенцијал во служба на малите инвеститори.

Факултети.мк: Колку од тие што вложуваат се млади на возраст до 30 години?
- Младите покажуваат интерес за инвестициските фондови, но до 30 година тие имаат малку поразлични животни потреби и поради тоа поголем дел од средствата верувам дека им се за лична потрошувачка. Некаде околу и после 30 годишна возраст реалните интерес за вложување се зголемува и дел од нив стануваат инвеститори. Не повеќе од 10% од инвеститорите се на возраст од околу 30 години.

Факултети.мк: Дали и колку младите луѓе од земјава се запознаени со можноста за вложување во инвестициски фондови? Како може да се оцени нивото на нивните вложувања споредено со другите земји во регионот и во Европа?

- Младите поради достапноста до информациите сѐ повеќе се запознаени со инвестициските фондови. Особено оние кои во наставните програми имаат и предмети поврзани со финансиските институции.Ние како друштво сме отворени за соработка и во таа насока имаме соработка со образовните институции кои тоа го побарале од нас.
Со споредба со земјите во регионот ние сме сѐ уште далеку од некои ниво кое би не доближило со земјите во регионот. Со Словенија, на пример, фондовите располагаат со околу 2,4 милијарди евра на управување, кај нас фондовите во моментот располагаат со околу 50 милиони евра на управување. Но, целата индустрија полека се развива, така што очекуваме соодветно и бројките да се подобруваат.

Факултети.мк: Кои се предностите за луѓето кои ги добиваат од вложувањето во инвестициски фондови наместо да ги чуваат парите како штедни влогови во банка?
- Грижата за сопствената и иднината на нашето семејство е еден од врвните приоритети на секој поединец. Ние сме овде да го најдеме најсоодветното решение кое ќе ги задоволи потребите на нашите клиенти, независно од инвестицискиот преференции и класите на финансиски инструменти. Предностите на инвестициските фондови се професионалното управување на средствата со акцент на основните начела на профитабилност, сигурност и ликвидност. Преку вложување во инвестициски фондови парите се доверуваат на искусни фонд менаџери кои ги вложуваат на домашниот и меѓународниот пазар на капитал. Преку различните инвестициски фондови се има поголема можност за избор кои ги задоволуваат различните потреби т.е. инвестициски стратегии. Вложувањата во инвестициските фондови може да бидат еднократно, но може да бидат и месечни. Она што е особено важно да се напомене е дека за вложување не се потребни огромни средства. Оваа година пазарите на капитал добро одработија, така што акциските инвестициски фондови имаат двоцифрен раст што е одлично во однос на класичното штедење.

Факултети.мк: Може ли подетално да го објасните процесот на инвестирање во некој фонд?

- Процесот на инвестирање е многу едноставен. Најпрвен на клиентот му се отвора сметка во фондот во кој што сака да инвестира. Се утврдува дали ќе уплаќа еднократно или континуирано во одреден временски период. Дополнително му се даваат инструкции за уплата на сметката на фондот во банката чувар на имотот. По извршената уплата на паричните средсва клиентот се стекнува со удели. Уделите имаат пресметковна вредност преку која се изразува промената на цената.


Подготвил: Д.Ф.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Економија