X
 29.12.2016 Живот

Македонско семејство ќе потроши најмалку 4.000 денари за скромна новогодишна ноќ дома


 
Семејствата што ќе слават Нова година во некој од скијачките центри во Бугарија или во Србија ќе потрошат најмалку по 300 евра, покажува нашата груба проценка.

Најмалку една петтина од просечната плата во земјава или околу 4.000 денари ќе потроши просечно четиричлено македонско семејство за скромна прослава на новогодишната ноќ во домот. Семејствата, пак, што ќе слават во странство, за тоа задоволство ќе треба да издвојат минимум 250 евра, покажува нашата груба пресметка.

За храна и пијалоци за новогодишната ноќ, едно семејство треба да издвои околу 2.000 денари. Во оваа сума влегуваат кифлички, приготвување на традиционалната руска салата, сувомеснати производи, некој вид месо, алкохолни пијалоци и сокови, колачи или торта и овошје. Во трошок за новогодишната ноќ се вбројуваат и подароците за децата кои треба да се остават под новогодишната елка, како и по еден скромен подарок за возрасните, кои заедно чинат околу 2.000 денари.

Најчесто семејствата не ја поминуваат заедно новогодишната ноќ во кафеана или кафуле, но многу од нив решаваат да отпатуваат во странство и таму да ја дочекаат највеселата ноќ во годината. Според туристичките агенции, последниве неколку години македонските семејства патуваат во соседните зимски скијачки центри во Бугарија или во Србија за новогодишните празници.

- Голем дел од нашите граѓани во последните неколку години се одлучуваат Новата година да ја прослават во Банско, Боровец или на Копаоник. Притоа, аранжманите не се прават стриктно за Нова година бидејќи слободните денови за празниците луѓето ги користат и за скијање. Со оглед на тоа дека цените за во овие скијачки места се многу прифатливи, за многумина се прв избор за новогодишните празници – велат туристичките работници.

Аранжманите за скијачките центри во соседството во просек чинат околу 20 евра дневно по човек, што за четиричлено семејство кое ќе помине три дена таму би било трошок од 240 евра. Тука не се вклучени трошоците за превоз, за шопинг, ниту за ски-билети.

Семејствата што планираат да ги поминат новогодишните празници во некоја од европските метрополи како на пример во Париз, Рим, Виена, Прага, Будимпешта и сл., тоа задоволство ќе ги чини од 120 евра па нагоре од човек, во зависност од дестинацијата и дали ќе патуваат со автомобил, автобус или авион. Тоа за четиричлено семејство е трошок од најмалку 480 евра. Меѓу најскапите новогодишни дестинации што ги нудат нашите туристички агенции е Дубаи, каде петодневен аранжман почнува од 950 евра по човек.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот