X
 16.01.2020 Култура

Зошто на Америка толку ѝ се допадна „Медена земја“?

„Медена земја“, филмот на Тамара Котевска и Љубомир Стефанов, во понеделникот доби две номинации за „Оскар“ - за најдобар странски филм и за најдобар документарец. Успехот следува откако „Медена земја“ освои три награди на фестивалот „Санденс“ - Главната награда од жирито во програмата Светски филм за документарци, Специјалната награда од жирито за влијание за промена за Котевска и Стефанов и Специјална награда за камера за Фејми Даут и Самир Љума.

Филмот раскажува за педесетгодишната Атиџе Муратова, една од последните пчеларки во Европа. Таа и нејзината постара мајка, која е неподвижна, се единствените жители на напуштеното село Бекирлија, каде што живеат примитивно, без струја и без вода.

Атиџе „работи“ со пчелите на принципот 50/50 - половина од медот остава за нив, а другата половина од медот ја зема за себе. Целта ѝ е да ги спаси своите пчели и да ја врати рамнотежата во „медената земја“. Во меѓувреме, во селото доаѓа семејство со седум деца. Атиџе почнува да го учи мажот на нејзиниот занает, но тој го игнорира нејзиниот совет за оставање половина од медот на пчелите и целиот мед го нуди на продажба. Ова го претвора филмот од мала приказна во епски филм за човечкото искористување на природните ресурси.

Сниман во период од три години, ниту еден кадар не е направен за кино. Ви се чини дека можете да ја гледате Атиџе по цел ден. На самиот почеток снимките требало да се искористат за документарен филм за проблемите со животната средина на реката што минува низ Централна Македонија. Плановите се промениле кога Котевска и Стефанов дознале за пчелите на Атиџе, па тогаш одлучиле да се фокусираат на нејзиниот живот. Двајцата режисери раскажаа пред Меѓународната организација на документарците дека понекогаш морале да спијат 3-4 дена во шатори, а освен тоа не зборувале турски, јазик на главниот лик и нејзините соседи, така што, кога го монтирале филмот, тие гледале сосема ново производство на филмот.

Според „Ротен Томејтос“, приказната што изгледа далеку од западната цивилизација доби 99 отсто одобрување од критичарите, а импресиониран е и поголемиот дел од публиката со 87 отсто позитивни критики.

- Скратувајќи го делот од животот на Атиџе во современиот свет - бирократијата, што ја налага државната администрација, нејзината припадност кон големо семејство, пријателствата, политиката и личната приказна имаат стратешки ефект врз филмот - пишува Ричард Броуди во „Њујоркер“.

- Режисерите создаваат фантазија на совршената изолација на село, место на рајска чистота, каде што не е под закана само омилената активност на Атиџе, туку и одржувањето на нејзината егзистенција, загаден е самиот рај на Земјата - пишува Броуди.

Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура