X
 16.01.2021 Наука

Мајмуните на Бали може да ја препознаат вредноста на предметите што ги крадат

Мајмуни од видот долгоопашести макаки што живеат околу храмот во Улувату, на југот на Бали, намерно ги крадат највредните предмети од туристите за потоа да ги заменат за подобра храна, покажува ново истражување.

Истражувачите откриле дека „мајмуните-претприемачи“ имаат напредно познавање од предметите што туристите ги сметаат за највредни и кои ќе им донесат најмногу храна.

На оваа тема работел тим од Универзитетот на Летбриџ во Канада, кој поминал 273 дена во храмот во Бали и забележал над 2.000 средби помеѓу мајмуните и туристите. Истражувачите ги одредиле вредностите на храната за мајмуните со набљудување на нивниот избор кога им била понудена храна за да ги вратат вредните предмети. На мајмуните им биле нудени јајца, овошје и крекери.


Фото: Pixabay

Било откриено дека мајмуните имаат различни преференции кога станува збор за храната, но било забележано дека мајмуните добро ја познаваат вредноста на предметите што ги крадат, како мобилни телефони, паричници и камери.

Претходни лабораториски експерименти покажале дека мајмуните ги вреднуваат предметите и од искуство учат дека тие може да се заменат за храна. Истражувачот Жан-Батист Лека изјавил дека неговиот тим открил дека мајмуните ја учеле вредноста на предметите додека растеле бидејќи помладите макаки не ги разликувале предметите според вредноста.

Истражувањето е објавено во списанието „Филозофикал трансакшнс оф д ројал сосајети“.

Самјуел Озборн
Извор: independent.co.uk
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука