X
 16.01.2021 Здравје

Зошто на жените им е постудено отколку на мажите?

Науката ги открива причините зошто на жените може да им биде постудено отколку на мажите, а тоа нема врска со силата.

Телесна температура

Едно истражување спроведено на медицинскиот факултет при Универзитетот на Мериленд во 1992 открило дека телесната температура на мажите и на жените варира во текот на денот, но просечно жените имаат повисока телесна температура. Затоа, ниските температури може да имаат поголемо влијание врз жените отколку врз мажите.

Постудени екстремитети

Повисоката телесна температура не значи и потопло тело. Жените имаат постудени екстремитети. Во 1998 г. истражувачи од Универзитетот на Јута откриле дека иако жените имаат повисока телесна температура, нивните раце почесто биле постудени отколку на мажите, и тоа за неколку степени. Ова може да значи дека жените подобро ја зачувуваат топлината во органите во студени услови, но и дека повеќе го чувствуваат студот.

Метаболизам

Мажите природно имаат побрз метаболизам од жените. Во суштина, метаболизмот е начинот на кој телото согорува калории, а во тој процес го загрева телото. Женските тела согоруваат помалку калории, па затоа може да бидат постудени.


Фото: Pixabay

Мускулите и маснотиите во телото играат улога

Генерално, мажите имаат повеќе мускули, а помалку маснотии од жените, а мускулите се подобри за производство на топлина, што им дава предност на мажите. Мастите ја зачувуваат топлината под кожата, па затоа жените повеќе го чувствуваат студот.

Менструација

Телесната температура кај жената се менува во текот на менструалниот циклус поради менувањето на нивото на хормоните. Затоа на жените може да им биде постудено или потопло во зависност од денот од циклусот.

Различни перцепции

Според професорите Дејвид В. Низел и Норберт К. Херцог, жените и мажите различно го чувствуваат студот. Различниот начин на чувстувањето на студот прави жените поинтензивно да ги чувствуваат ниските температури.

Автор: Витни Кој
Извор: thelist.com
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје