X
 16.02.2020 Живот

Тајванско кафуле забрани влез за инфлунсери

Инфлуенсерството денес се смета за вистинска работа, и тоа добро платена за некои. Постојат апликации за зголемување на лајковите, а некои луѓе дури и си ги ризикуваат животите за да направат фотографии што ќе им ја зголемат популарноста на социјалните мрежи. Но, едно кафуле во Тајван му кажа „стоп“ на овој тренд.

„Митсуме десертс“ (Mittsume Desserts), популарно кафуле во Тајпеј, Тајван, воведе забрана на сите инфлуенсери. Зошто? Очигледно тие повеќе не можат да ги поднесат луѓето што претеруваат за да направат фотографија за „Инстаграм“.

Кафулето ја објавило забраната на 11 февруари преку „Инстаграм“ изјавувајќи дека инфлуенсерите се строго забранети. Над 7.300 корисници ставиле лајк на објавата, а има и негативни и позитивни коментари. Сега правилото стои и на профилот на кафулето.


Фото: Pixabay.com

Освен забраната за инфлуенсерите, ова кафуле има и други барања од своите посетители. На профилот пишува дека една личност може да пие барем еден пијалак и нема да бидат примени групи од над 4 луѓе.

„Ве молиме почитувајте го местото, а и другите луѓе, ова кафуле го задржува правото да одбие услуга“, пишува кафулето.

Според една објава на нивниот „Инстаграм“, не се дозволува влез за лица под 16 години. Во подолга објава во која ги објаснува правилата, кафулето објавува и дека се забранува стоење на столовите за сликање, фотографирање со јадењето на други гости, поместување на мебелот за фотографирање, внесување храна однадвор и фотографирање на други посетители.

„Размислете, нели ова е однесување на лична култура?“, пишува кафулето.


Фото: Инстаграм

- Разбираме доколку сакате да фотографирате торта која ја јадевте денес или убав дел од кафулето, нема да ви пречиме. Може да бидеме изненадени дека има толку убави фотографии од кафулето. Но современата интернет-култура и културата на означувањето на социјалните мрежи ја преминува границата помеѓу гостите и влијае врз балансот помеѓу сопствениците и гостите. Сето тоа за една убава слика од себеси - објаснуваат од кафулето.

- Некои луѓе си земаат за слобода да ги менуваат предметите за да направат фотографија на одредено место. Кога прават фотографии, лицата се приближуваат многу блиску до другите гости. Иако нема физички контакт, сепак, се на далечина која прави на другите да им е непријатно. Ние не сме кафуле за инфлуенсери, нашата целна група никогаш не биле инфлуенсерите. Не гледаме потреба да правиме компромис за овие луѓе. На крајот од краиштата, доколку сакаме да работиме уште долго, не може да зависиме само на оваа група - стои во објавата.

Во објавата се потенцира и дека не се забранува фотографирање доколку не се вознемируваат другите.

Автор: Кох Ив
Извор: vice.com
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот