X
 16.02.2022 Живот

Белгија одобри четиридневна работна недела и им даде право на вработените да ги игнорираат своите шефови по работното време

Работниците во Белгија наскоро ќе можат да избираат четиридневна недела според серијата реформи на пазарот на трудот објавени во вторникот.

Реформскиот пакет договорен од повеќепартиската коалициска влада во земјата, исто така, ќе им даде на работниците право да ги исклучуваат службените уреди и да ги игнорираат пораките поврзани со работата по работното време без страв од одмазда.

- Доживеавме две тешки години. Со овој договор поставивме светилник за економија која е поиновативна, одржлива и дигитална. Целта е да можеме да ги направиме луѓето и бизнисите посилни - рече белгискиот премиер Александар де Кро на прес0конференција на која беше објавен реформскиот пакет.

Хонорарните работници, исто така, ќе добијат посилна правна заштита според новите правила, додека вработените со полно работно време ќе можат да бараат флексибилен распоред.

Рамнотежа помеѓу работата и животот


 Нацрт-реформскиот пакет, договорен од федералната влада на земјата, ќе им даде на вработените можност да побараат четиридневна недела.

- Ова треба да се направи на барање на работникот, при што работодавецот ќе даде цврсти причини доколку сака да ве одбие - рече белгискиот министер за труд Пјер-Ив Дермањ на прес-конференцијата.

Владин портпарол потврди дека вработените ќе можат да бараат да работат четири дена во неделата во период од шест месеци. Потоа ќе можат да изберат да го продолжат аранжманот или да се вратат на петдневна работна недела без негативни последици.

- Периодот од шест месеци е избран за некој вработен да не остане предолго заглавен во случај на погрешен избор - велат од владата.

rabota
Фото: Freepik

Според белгискиот систем, вработените ќе можат да ја намалат тековната петдневна недела на четири дена. Во практика тоа значи одржување на 38-часовна работна недела, со дополнителен слободен ден како компензација за подолгите работни денови.

Работниците ќе можат да бараат и променливи работни распореди. Се менува и минималниот рок за смените, при што компаниите сега се обврзани да обезбедат распоред најмалку седум дена однапред.

- Ова ќе им користи на оние што сакаат да поминуваат повеќе време со своите деца - рече Дермањ во соопштението, додавајќи дека предлозите ќе бидат особено корисни за разведените или разделените родители кои го делат старателството над нивните деца.

Остави го телефонот

Во јануари државните службеници што работат за белгиската федерална влада добија право да станат недостапни по работата, па може да ги исклучуваат службените уреди и да игнорираат пораки надвор од работното време.

Сега сите белгиски работници, вклучително и оние во приватниот сектор, ќе го добијат истото право, рече Дермањ.

- Границата помеѓу работата и приватниот живот е бледа. Овие непрестајни барања можат да му наштетат на физичкото и менталното здравје на работникот - рече тој.

Новиот закон ќе важи за сите работодавци со над 20 вработени. Од нив ќе се очекува да преговараат со синдикатите за вклучување на правото на исклучување во колективните договори.

Извор: Euronews.com
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот