X
 16.03.2022 Наша тема

Младите возачи на автобуси - раритет во Македонија

Иако ова е наш долгогодишен фамилијарен бизнис, размислувам за работа некаде надвор од границите на Македонија, каде што условите и примањата за возач како мене се многу подобри, а професијата многу поценета, вели Зивчевски, 26-годишен возач на автобус

Во јавниот градски превоз, меѓуградскиот и во меѓународниот превоз ако се возите со автобус, ретко кога зад воланот ќе сретнете млад шофер. Возачите на автобус претежно се во средовечни години. Истраживме дали постои одредена поголема старосна граница за тоа кој може да управува автобус или, пак, причината за недостиг на млади возачи на автобуси е незаинтересираноста на новите генерации за оваа професија.
Факултети.мк се возеше со еден од најмладите возачи на автобус во Скопје, 26-годишниот Мирослав Зивчевски, вработен во претпријатието „Слобода превоз“. Уште како дете посакувал еден ден да стане возач на автобус, наследувајќи ја љубовта кон оваа професија од својот татко, кој е професионален возач.

- Моите работни денови, за жал, поминуваат различно од моите очекувања за оваа професија. Условите за возење автобус во нашиот главен град се лоши. Многу автобуски стојалишта се необележани, никаде во градот не постои посебна сообраќајна лента за автобусите, иако автобусите најчесто ја користат десната коловозна лента, на која најчесто има непрописно паркирани автомобили, никој не ги пропушта автобусите за да се вклучат во сообраќај од автобуските постројки, често пати имаме поплаки од патниците, па дури и вербални напади мислејќи дека ние сме виновни за доцнењата и малиот број автобуси. Воопшто не е лесно да се биде професионален возач на автобус во нашиот главен град бидејќи денот ни е исполнет со нервози и стресови, а позитивни случки што ќе ти го разубават денот се вистинска реткост. Поради сето тоа, иако ова е наш долгогодишен фамилијарен бизнис, размислувам за работа надвор од границите на Македонија, каде што условите и примањата за возач како мене се многу подобри, а професијата многу поценета - рече Зивчевски.


Мирослав Зивчевски
Секој ден ми почнува од црни зори

Се симнавме на Рекорд и се качивме веднаш во следниот автобус на ЈСП. Овој пат нѐ возеше 49-годишниот С. Поповски. И кај него преголемата желба за возење автобус уште од раното детство иницирала денес да ги носи патниците до посакуваната дестинација во градот.

- Познавав двајца возачи на јавен превоз кои дополнително, раскажувајќи ми за професијата, ми го побудија интересот и желбата да станам возач. Како што растев, бев сигурен дека еден ден и јас ќе се определам за оваа професија. Секој ден ми започнува од црни зори со оглед на тоа дека линијата што ја возам се вклучува во сообраќај уште во 5 часот наутро, но тоа не ми пречи, го гледам градот како се буди, почнува да се раздвижува. Отсекогаш подобро сум функционирал во утринските часови. Со скопјани се „дружам“ до 11 часот, кога ми завршува смената. Ќе излажам ако не кажам дека не е тешко. Дури, од ден на ден како да е сѐ потешко. Пред сѐ, речиси секојдневно е присутна и расте сообраќајната некултура на дел од учесниците во сообраќајот, фреквенцијата на возила е сѐ поголема и сето тоа придонесува за нервозни возачи, метеж, застој... Од оваа професија некои конкретни бенефити речиси нема, освен бенефициран стаж. Бенефитот го гледам во секојдневната комуникација со патниците, динамичноста на професијата, секојдневната „дружба со улиците“, градот - вели Поповски.



Годинава 32 возачи од ЈСП ќе заминат во пензија

Во Јавното сообраќајно претпријатие - Скопје во моментов има 637 возачи, а годинава 32 ќе заминат во пензија. Генерално, кадарот е возрасен, а најмладиот возач има 27 години.

- Во ЈСП Скопје периодов нема недостиг на возачи, но јавна тајна е дека има дефицит на возачи воопшто во државава. Причини има повеќе. Општата состојба во државава, подобрите услови за работа во западноевропските земји, односно сѐ поголем број професионални возачи заминуваат на привремена работа во Шведска, Германија, Холандија... веројатно се дел од причините за дефицит на возачи во државава - вели за Факултети.мк Иван Илиевски, в.д. директор на ЈСП.


Иван Илиевски

Фактите дополнително говорат и за тоа дека новите генерации интересите за работа ги насочуваат кон поинакви, умствени активности преку кои ќе остварат добар профит, а сѐ помалку кон занает или професија која бара физичка работа.

- Согласно условите и околностите за работа, се трудиме да понудиме гаранција за работните места, односно засновање редовен работен однос на возачите, создаваме позитивна работна атмосфера - додава Илиевски.

- Поголем дел од младите денес се носители на универзитетски дипломи и трагаат по работа која одговара на нивното образование. Во Македонија проблемот е уште поголем поради тоа што голем број возачи се одлучуваат да работат надвор заради поголемите плати, иако со тоа прифаќаат и поголема жртва, како што е одвоеност од семејството, потешки околности и сл. - вели Ленин Јовановски, претседател на здружението на приватните автопревозници и директор на „Слобода превоз“.


Ленин Јовановски

Од почетокот на 2022 година 168 возачи циркулираат во скопскиот сообраќај од приватното претпријатие „Слобода превоз“. Најмлади возачи се двајца на 24 години, а најстариот е на 67 години. На возраст од 24 до 30 години претпријатието брои 16 возачи, а 29 се на возраст од 31 до 40 години. 55 возачи имаат од 41 до 50 години, додека 52 возачи се на возраст од 51 до 60 години и 16 од 61 до 67 години.

- Нема исто значење да си млад (во години) и да си млад возач на автобус, има разлика - вели Ленин.

Како се станува возач на автобус?

- Лицето што сака да полага за Д-категорија, или возач на автобус, пред сѐ треба да има наполнето 24 години и да има возачка дозвола за Ц-категорија, односно за камион, валидна минимум 2 години. Патот до Ц-категорија е следен: лицето треба да имам минимум 21 година и двегодишно искуство со Б-категорија - вели Јадранка Панковска-Ристиќ, инструктор во автошколата „Панда“.

Со цел оваа професија да не влезе во групата на професии во изумирање, потребни се одредени општествени активности со кои младите би се мотивирале да се одлучат да работат како возачи на автобуси.



- Ако продолжи ваквиот тренд на континуирано опаѓање на бројот на возачи, треба да се размислува како да се поттикне интересот на младите за оваа професија и како да им се приближи. Секако, тоа би било преку одредени кампањи, проекти и други мотивациски алатки, но сепак сметам дека најголемата мотивација би биле повисоките плати што би ги заработувале - вели Ленин.

Фото: фејсбук-страници на ЈСП и Слобода превоз
Подготвил: Александра Овчарска-Бела

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема