X
 16.04.2019 Култура

Дамата од Париз - историјата на катедралата Нотр Дам

Катедралата Нотр Дам во Париз видела многубројни крунисувања и битки во текот на нејзината долга и богата историја.

Катедралата е еден од најиздржливите и најсимболичните споменици на француската престолнина и меѓу најзначајните катедрали во Европа.

За многу парижани, ова 850-годишно обележје е едноставно срцето на нивниот град со нејзините две готски кули што се издигнуваат над околните згради.

Станува збор за катедрала над катедралите, со една од најдолгите и најбогатите истории: местото каде што се случувале кралските свадби, крунисувањето на Наполеон Бонапарта и благословувањето на Jованка Орлеанка. Исто така, катедралата е место каде што јавноста ги слави животите на големите и добрите.


Фото: Unsplash

Во оваа катедрала кралот на Англија, Хенри VI, бил крунисан за крал на Франција во 1431 година, а кралот на Шкотска, Џејмс V, се оженил за Меделин од Франција во 1537 година.

Катедралата беше овековечена во популарната култура од Виктор Иго во неговиот готски роман „Ѕвонарот на Богородичната црква во Париз“, кој подоцна беше претворен во филм на Дизни.

Нотр Дам била нарачана од кралот Луј VII, кој сакал да биде симбол на политичката, економската, интелектуалната и културната моќ на Париз дома и во странство. Градот тогаш станал центар на моќ во Франција и му бил потребен религиозен споменик што ќе одговарал на неговиот нов статус.

Била срушена средновековната базилика за да може да се изгради нова катедрала. Првиот камен на она што станало масивно здание со должина од 130 метри и широчина од 48 метри бил поставен во 1163 година, во присуство на папата Александар III, но биле потребни уште 200 години за да се завршат честите модификации во следните векови.

Двете кули на западната фасада, со височина од 69 метри, биле изградени во почетокот на 13 век. Северната кула е достапна за посетителите преку 386 скали, додека јужната кула е дом на 10 ѕвона на катедралата. Меѓу најпознатите ѕвона е ѕвоното наречено Емануел, кое ги толкува најважните настани во историјата на Франција, вклучувајќи го и крунисувањето на кралевите, папските посети и обележувањето на крајот на двете светски војни.

Исто така, Емануел ѕвонел кога биле уништени кулите-близначки на 11 септември 2001 година во Њујорк.

Осквернавена за време на Француската револуција, до почетокот на 19 век, катедралата се распаѓала и била половина срушена во внатрешноста. Крунисувањето на Наполеон како император, проследено со успехот на романот на Иго, го ставил објектот во центарот, поттикнувајќи големи реставрации во средината на 19 век.

Освен дрвениот таван со ребрести сводови, кој во голема мера беше уништен во вчерашниот пожар, се стравува за судбината на извонредните три прозорци со рози и историските артефакти во катедралата.

Освен историски споменик и туристичка атракција што привлекува околу 14 и 15 милиони посетители годишно, Нотр Дам е и срцето на Римокатоличката црква во Париз.

Додека огнот беснееше и додека со него се бореа 400 пожарникари, поранешниот градоначалник на Париз, Бертран Делано, едвај можеше да ги скрие емоциите, велејќи дека е неизмерно тажен поради уништувањето.

- Тоа е непроценлива загуба. Нотр Дам мора да живее. Не смееме да се откажеме, ова е наследство на целото човештво - изјави тој.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура