X
 16.05.2020 Култура

Човекот што го основал тајниот ред на илуминатите

Германскиот филозоф Адам Вајсхаупт би се шокирал кога би знаел дека неговите идеи во 18 век еден ден ќе поттикнат глобални теории на заговор и ќе инспирираат романи и филмови.

Роден во 1748 во Инголштад, Вајсхаупт, тој бил потомец на Евреи кои подоцна станале христијани. Останал сирак како дете, а за неговото образование се грижел неговиот вујко. Подоцна Вајсхаупт станал професор по право на универзитетот во родниот град, се оженил и основал семејство. Ова изгледа како традиционален живот, но Германците добиле различна претстава за него во 1784 кога дознале за неговите идеи.


Фото: Wikipedia

Вајсхаупт отсекогаш имал немирен ум. Како дете читал многу, особено за француските филозофи. Баварија во тоа време била конзервативна, а Вајсхаупт не бил единствениот што сметал дека монархијата и црквата ја ограничуваат слободата на мислата. Тој бил убеден дека религиозните идеи повеќе не одговараат на модерното водење на општеството, па затоа одлучил да најде друг облик на „просветлување“, односно идеи кои би можеле да се применат за радикална промена на водењето на европските држави.

Масонеријата полека се ширела низ Европа во овој период, нудејќи им атрактивни алтернативи на слободоумните. Вајсхаупт на почетокот размислувал да им се придружи, но бил разочаран од многу нивни идеи. Наместо тоа, тој се одлучил самиот да основа своја тајна група. Вајсхаупт тврдел дека не е против религијата, туку против начинот на тој таа се наметнувала и практикувала. Неговото размислување нудело ослободување од сите религиски предрасуди и ги негувало општествените доблести, користејќи ги за да постигне универзална среќа, според него. За да се создаде ова, потребно било да се создаде состојба на слобода и морална еднаквост ослободена од пречки како рангови и слично.

Првиот состанок на илуминатите бил одржан на 1 мај 1776 во шума во близина на градот Инголштад. Учествувале петмина кои ги составиле правилата по кои ќе се води групата. Сите нови кандидати за членови требало да бидат одобрени од претходните членови, а тие требало да имаат и добра репутација и пари.

Тајниот одред се зголемувал во следните години и имал 600 члена до 1782. Во него учествувале важни јавни личности, како политичари, доктори, адвокати и писатели. До крајот на 1784 имало 3.000 члена на одредот. Членовите добивале „тајно“ име.


Фото: Pixabay

Поранешниот масон Фон Книге, кој бил ценет член на илуминатите, воведувал нови практики и не се согласувал со Вајсхаупт за одредени процедури, што го принудило да го напушти одредот. Истовремено, друг поранешен член ѝ напишал писмо на војвотката од Баварија за тајниот одред. Во писмото напишал лаги и вистини, но тоа довело до забрана за создавање одреди што не се одобрени со закон.

Во 1785 директно бил забранет одредот и многу членови биле уапсени. Пронајдените докази во домовите на уапсените членови биле искористени за обвинување на одредот за заговор против религијата и државата. Во 1787 бил донесен закон за смртна казна за членување во одредот.

Вајсхаупт ја изгубил работата на универзитетот и бил избркан од градот. Тој живеел во град во Саксонија до крајот на животот и предавал филозофија на Универзитетот во Гетинген. Тајниот одред подоцна предизвикал да се создадат многу теории на заговор, а Вајсхаупт бил погрешно обвинет за организирање на француската револуција. Илуминатите биле поврзувани и со неодамнешни настани, како убиството на Џон Кенеди, а идеите на Вајсхаупт имале влијание врз писатели, како Ден Браун и Умберто Еко.

Автор: Изабел Хернандез
Извор: nationalgeographic.com 
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура