X
 16.05.2022 Технологија

Наскоро интернетот од „Старлинк“ ќе биде достапен и во Македонија

Сателитската интернет-услуга на „Спејс-Екс“ наречена „Старлинк“ сега е достапна во 32 земји низ светот, објавија од компанијата. Оттаму додаваат дека услугата ќе биде испорачана веднаш, што е голем напредок во споредба со претходно кога купувачите чекаа по неколку месеци за да ја добијат платената услуга.

Од компанијата на Илон Маск споделија и фотографија на која може да се види достапноста на услугата. Така, може да се види дека интернетот сега е достапен во поголемиот дел од Европа, Северна Америка и во делови од Јужна Америка, Австралија и Нов Зеланд.

Поголем дел од остатокот од светот е обоен со темносина боја, која означува дека во тие делови наскоро ќе биде достапна услугата. Меѓу тие земји е и Македонија, за која на мапата е наведено дека веќе во втората четвртина од годинава треба да добие пристап до интернетот од „Старлинк“. И земјите од регионот: Албанија, Србија, Косово, Босна и Херцеговина и Црна Гора наскоро ќе можат да го користат овој интернет.

Фото: Starlink

Првите 60 сателити беа лансирани пред помалку од две години и оттогаш „Старлинк“ постојано лансира нови сателити на висина од 500 километри во Земјината орбита.

Според планот, треба да се лансираат вкупно 42.000 сателити. На секој сателит се наоѓаат четири антени, соларни панели и јонски потиснувачи со погон на криптон, кои овозможуваат маневрирање на сателитите во вселената. Секој сателит има сензори кои ја јавуваат моменталната позиција и содржат автономен систем за избегнување судири. По завршувањето на работата сателитите ќе изгорат во атмосферата во рок од 1 до 5 години.

Извор: b92
Фото: Pixabay
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија