X
 16.05.2022 Образование

Шаќири: Платите доцнат, но ќе бидат исплатени, а оние на штрајкувачите нема да бидат скратени

Ние како МОН покажавме разбирање за ситуацијата, па затоа платите нема да бидат скратени. Точно е дека доцни платата овој месец, но ги чекаме пресметките и за скоро време ќе се добијат. Правните тимови на МОН и на СОНК работеа на тоа платите да бидат целосни, вели министерот

Иако беше најавено дека ќе им бидат платени само придонеси на вработените во образование кои штрајкуваа, сепак, тоа нема да се случи и тие ќе добијат цела плата. Ова за Факултети.мк го потврди министерот за образование и наука Јетон Шаќири. Исплатата на плати за месец април доцни, но тој уверува дека наскоро ќе бидат исплатени. Инаку, за доцнењето денеска реагираше и Независниот синдикат за образование и наука.

-Ние како МОН покажавме разбирање за ситуацијата, па затоа платите нема да бидат скратени. Точно е дека доцни платата овој месец, но ги чекаме пресметките и за скоро време ќе добијат. Правните тимови на МОН и на СОНК работеа на тоа платите да бидат целосни - рече Шаќири за Факултети.мк.

Во однос на тоа до каде се со преговорите за повисоки плати во образованието, Шаќири кажа дека повеќе детали за тоа ќе се знаат утре.

-Покачувањето ќе биде поголемо од предложените 12 отсто, но она што треба да го утврдиме е начинот и времето на исплата, односно од кога вработените би ја добивале таа покачена плата - потенцира тој.

Независниот синдикат за образование и наука денеска испрати известување до Министерството во кое реагира за доцнењето на исплатата на платите во образованието. Зошто е ова така, Факултети.мк одговор побара од министерот Шаќири, кој уверува дека плати наскоро ќе има.

Во дописот од Независниот синдикат за образование и наука пишува дека со доцнењето на платите е прекршен член 31 од Колективниот договор за основно образование и Колективниот договор за средно образование, во кој јасно е наведено дека платата се исплаќа до 10. во месецот, како и член 109 од Законот за работните односи, во кој е наведено дека крајниот рок за исплата на плата е до 15. во месецот.

- Земајќи предвид дека вработените во секторот образование сè уште немаат добиено плата за месец април, бараме од Министерството за образование и наука јавно да се извини поради доцнењето со исплатата на месечната плата, како и да нè извести поради која причина се погазени правата на просветните работници - стои во известувањето на Независниот синдикат.

Во дописот е наведено дека доколку во брзо време не се наиде на соодветен одговор за настаната ситуација, Синдикатот ќе покрене правна постапка поради непочитување на Законот и колективните договори, бидејќи, како што наведуваат, Синдикатот има должност да ги штити правата на просветните работници.

Штрајкот во образованието започна на 11 април и траеше до 29 април, кога беше одлучено да се стави во мирување. Во тек се преговори што ги водат претставници на надлежните институции со СОНК, а епилог се чека утре, како што најави министерот Шаќири.
Подготвил: Антонија Поповска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование