X
 16.07.2022 Живот

Ова се најдобрите европски земји за кариера, социјален живот и здравство за 2022 година

Трендот на работење на далечина не покажува знаци на забавување, што значи дека сега е одлично време да се обидете да живеете во друга земја.

Со тоа што повеќе нации воведуваат дигитални номадски визи, станува полесно да се работи легално од странство.

Сепак, од суштинско значење е да изберете земја која е добро приспособена за работа на далечина и на вашиот животен стил. За да ви помогне да одлучите, „Интернејшнс“ го спроведе своето годишно истражување на „Експат инсајдер“ за дестинации за иселеници низ светот.

Глобалната заедница за луѓе што живеат и работат во странство испита 11.970 иселеници кои претставуваат 177 националности и живеат во 181 земја или територии.

Кои се најдобрите европски земји за живеење во моментов?


Извештајот „Експат инсајдер 2022“ разгледува 52 дестинации за иселеници низ светот и ги рангира според квалитетот на животот на иселениците.

Иселениците беа прашани за леснотијата при населувањето, работата во странство и личните финансии каде што живееле.

Првпат рангирањето го вклучува и новиот индекс наречен „Експат есеншалс“, кој ги опфаќа дигиталниот живот, административните теми, домувањето и јазикот.

Изненадувачки, само две европски земји влегоа во првите десет оваа година.

Португалија е најдобрата дестинација за иселеници во Европа


Португалија се најде на 4. место поради сонцето и добриот социјален живот.

9 од 10 испитани иселеници рекле дека уживаат во климата и временските услови, додека 89 отсто се задоволни со квалитетот на воздухот. На иселениците им се допаѓаат и можностите за спортување, а 93 отсто рекле дека е лесно и безбедно да се движат пешки или со велосипед.

Исто така, анкетираните рекле дека лесно стекнуваат локални пријатели и имаат пријатен социјален живот.

Сепак, повеќе од половина испитаници рекле дека им е тешко да се справат со локалната бирократија, а незадоволни се и од локалниот пазар на труд и можностите за кариера. Затоа Португалија падна на 35. место во индексот „Работа во странство“.

Генерално, 85 отсто од иселениците рекле дека се задоволни од животот во Португалија.

spanija
Фото: Freepik

Шпанија е земја што на иселениците им нуди најдобар квалитет на живот


Иако е на 5. место на вкупниот ранг, Шпанија беше избрана за најдобра дестинација за иселеници според квалитетот на живот. Анкетираните рекоа дека ги сакаат различните кулинарски опции за јадење, можностите за спорт, култура и ноќниот живот.

Исто така, Шпанија се рангираше високо според климата и временските услови, а пред неа се најде само нејзиниот сосед, Португалија.

Достапноста на здравствениот систем е една од најважните работи за иселениците, а 4 од 5 го оценија позитивно. Од анкетираните, 77 отсто рекле дека можат да пристапат до сите видови здравствени услуги кои им се потребни.

Иако Шпанија не се најде меѓу првите 10 во индексот за „Лични финансии“, 70 отсто од анкетираните се задоволни со трошоците за живот, во споредба со 45 отсто на глобално ниво.

Како и Португалија, иселениците изразија незадоволство од личните можности за кариера и немањето фер плата.

francija
Фото: Freepik

Франција има добра здравствена заштита, но бавна администрација


Популарната дестинација за иселеници - Франција доби лош ранг во истражувањето за 2022 година и се најде на 31. место од вкупно 52 дестинации.

Иако земјата има добри резултати во индексот „Квалитет на живот“, 11. место, иселениците изразија проблеми со јазикот. Тројца од пет иселеници велат дека е тешко да се живее во Франција без да се зборува локалниот јазик, што е речиси двојно повеќе од глобалниот просек.

Исто така, Франција се рангира на дното според поткатегоријата „Администратор“ затоа што речиси сите административни работи се комплицирани.

Но, иселениците го пофалија здравствениот систем на земјата, така 84 отсто од иселениците во Франција се задоволни од достапноста на здравствената заштита, во споредба со само 61 отсто на глобално ниво.

Иселениците во Италија се борат со лошите плати и бирократијата

И покрај нејзината репутација за „ла долче вита“, Италија е рангирана на дното во истражувањето на „Интернејшнс“.

Италија неодамна објави нова дигитална номадска виза за да ја олесни работата од земјата. Но, сè уште е на 44. место во анкетата, при што на иселениците им е особено тешко да се справат со локалната бирократија и да отворат локална банкарска сметка.

italija
Фото: Freepik

Земјата, исто така, се наоѓа меѓу последните 10 во индексот „Работење во странство“, каде што 29 отсто од иселениците не се чувствуваат праведно платени за својата работа во споредба со 20 отсто на глобално ниво.

Речиси половина од анкетираните рекоа дека не се задоволни од локалниот пазар на труд.

Земјата има многу подобри резултати во однос на леснотијата на населување, при што на 68 отсто им е лесно да се навикнат на локалната култура во споредба со 62 отсто на глобално ниво. Исто така, иселениците уживаат во климата и времето, како и во кулинарската разновидност и опциите за јадење.

Кои европски земји се најлоши за иселениците?

Луксембург, исто така, се рангира на дното, критикуван поради недостигот на слободни активности и високите трошоци за живот. 42 отсто од иселениците се незадоволни од својот социјален живот во споредба со 26 отсто на глобално ниво.

Малта, исто така, има лоши резултати со иселениците незадоволни од инфраструктурата за автомобили, урбаната средина и достапноста на индустриите кои произведуваат стоки или обезбедуваат услуги кои имаат корист за животната средина.

На 69 отсто од иселениците им било тешко да отворат банкарска сметка во споредба со 21 отсто на глобално ниво.

Извор: Euronews.com
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот