X
 16.08.2020 Живот

Овој фотограф посетува опасни места за да направи неверојатни фотографии од диви животни

Андреј Гудков е руски фотограф кој фотографира диви животни. Тој честопати оди на експедиции во најоддалечените и најопасните индонезиски и африкански региони, како што се Борнео, Замбија и островот Ринка - за да ги фотографира дивите животни во нивното природно живеалиште. Така ни нуди поглед кој, поради модерниот живот, стана егзотичен за нашите очи. Преку неговите фотографии Гудков се обидува да ја пренесе убавината и важноста на овие животни бидејќи голем дел од нив се загрозени.

За да ги следи своите соништа и да стане фотограф на животинскиот свет, Годуков морал да почека да дојде тој момент - кога Советскиот Сојуз се распаднал и можел слободно да патува.

- За мене, сето тоа почна со телевизиските програми на филмовите на Дејвид Атенборо и програмите за природа на Би-би-си што се прикажуваа на советските телевизии пред многу години. Кога кон крајот на 80-тите ја држев в раце првата копија од „Нешнл џиографик“, тоа беше културен шок за мене. Фотографиите беа неверојатни, привлечни и се чинеа толку фантастични и нереални. Токму тие беа патот кон бајката во која обичен човек се надеваше дека ќе има некаква улога. Штом се појави можноста за слободно да патувам и да добијам стручна опрема, сфатив дека сонот стана реалност - вели Андреј.

Како што вели, отсекогаш знаел дека сака да стане фотограф за дивиот животински свет. Успехот на фотографијата зависи од обидот на фотографот да најде нешто човечко во секое животно.

- Нема убави или грди животни. Според мене, најважно е да најдете нешто човечко во животното и да се обидете да го пренесете во вашата фотографија. Очите на животното се важен детаљ; тие зборуваат за неговиот карактер и ни помагаат да го разбереме. Зачуденост и страв, нежност и грижа, гнев, рамнодушност, збунетост. Сите овие квалитети се вродени кај жителите на природниот свет. Мисијата на фотографот е да му ги пренесе на гледачот. Во текот на изминатите неколку години посетив многу оддалечени места на нашата планета каде што природата сè уште ја има зачувано својата примарна убавина, недопрена од сеприсутниот технички напредок и глобализација. Ваквите места се толку диви и непроодни, што туристите не одат таму. На овие места парите немаат никаква вредност. И токму поради тоа животните таму се безбедни. Но, светот околу нас се менува катастрофално брзо и мисијата на секој фотограф што фотографира диви животни е да се обиде да им покаже и да ги импресионира луѓето со ретките убавини на животните со кои човекот и понатаму може да се сретне во светот - вели фотографот.


Извор: Bored Panda
Фото: Instagram
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот