X
 16.08.2021 Наша тема

Не можете да ги делите, а вирусот ве плаши. Треба ли да се пуштат малолетниците да летуваат сами во услови на пандемија?

Да не заборавиме дека сега се наоѓаат во најубавите години и треба да ги поминат во пандемија, со рестрикции и нови правила. Од друга страна, токму нивните години се оние кога како луѓе учат што е одговорност, вели Мартин Николовски од „Интерактив“

„Мамо, тато дали ќе ме пуштите летово сама да одам на летување?“ Ова е едно од најпоставуваните прашања за време на летните распуст од страна на средношколците. Со тоа и една од најголемите дилеми на родителите. Секое лето тинејџерите сонуваат со друштвото да минат денови покрај езеро или море, ослободени од обврските и претпазливото око на родителите. А мајките и татковците веќе втора година со ред имаат уште една голема тежина на главите, како да се пушти детето на одмор, а истовремено и да се заштити од коронавирусот.

-Ги ставивме ова лето придобивките и опасностите на кантар. И мери- премери, никако да пресечеме без главоболка. Ако некогаш заплашуваа опасности од типот како да ги заштитат парите на плажа, каде излегуваат, што пијат, јадат, сега главниот прашалник што ни висше на главите беше короната. Но, девојчето притискаше од утро до мрак и моравме да ја пуштиме. Не можете 17-годишна девојка да ја делите - вели Весела Миладинова, мајка на тинејџерка од Велес.

Доаѓаат со маски на лакти, а излегуваат без нив

Тинејџерите доаѓаат со маски ставени на лактите кога ги носат родителите, а навечер кога излегуваат или преку ден дури чекаат минибуси за плажите не гледаме дека носат маски, велат повеќемина угостители од Охрид кои изнајмуваат соби и апартмани, а сакаа да останат анонимни.



-Што сè немавме доживеано. Од тинејџери кои ги ограбиле по плажите, им ги зеле мобилните и парите, до пијанки, носење на партнери по собите, за годинава да дознаеме дека дел од туристите по враќањето дома излегле позитивни на корнавирусот. Летово во Охрид е цела младина од земјава. Има журки, групирања, но маски ретко кој носи. А и тие не помагаат. Во соба спијат по петмина, како да се заштитат меѓу нив - велат сопственици на апартмани од Охрид.

Годинава епидемиолозите потврдија дека во повеќе градови низ државата дел од младите кои летуваа во Охрид се вратија позитивни на коронавирус.

Младоста не завршува утре, внимавајте и на вашите семејства, аплеира Николовски од „Интерактив“

Претседателот на Здружението на меѓународна младинска соработка „Интерактив“ од Битола, Мартин Николовски, посочува дека ситуацијата со коронавирусот не е едноставна за никого, вклучувајќи ги и децата и младите. Но, не смее да се заборави дека дел од нив токму сега се наоѓаат во најубавите години од своите животи и истите тие години треба да ги поминат во пандемија, со рестрикции и нови правила. А од друга страна, токму нивните години се годините кога како луѓе учат што е одговорност и како да бидеме одговорни и совесни граѓани во иднина.

-Затоа, забавувајќи се по разлини настани и концерти, апелот до младите е да не заборават дека вирусот сѐ уште постои и дека тие не се имуни на истиот. Особено да ги имаат предвид ризиците што тие може да ги донесат во своите домови и да ги загрозат повозрасните. Важно е да разбереме дека младоста не завршува утре и дека колку како граѓани сме посовесни, толку е поголема шансата подобро и побрзо да се справиме со пандемијата. Младите треба да и веруваат на науката и на медицинските лица и на тој начин да испратат порака дека нашата иднина не е безнадежна - вели Николовски.

Претседателот на Здружението на меѓународна младинска соработка „Интерактив“ од Битола, Мартин Николовски, посочува дека ситуацијата со коронавирусот не е едноставна за никого, вклучувајќи ги и децата и младите

Тој ги истакнува и придобивките на самостојните одмори кај малолетните лица. Вели дека секое патување, без разлика дали се работи за летен одмор или не, за младите претставува можност за социјализација, осамостојување, создавање на спомени на кои би се навраќале целиот живот.

-Патувањата ја имаат моќта на луѓето да им приредуваат културни шокови, да им ги менуваат светогледите, а за младите тоа е особено важно, додека тие сѐ уште ја градат својата личност. Секое излегување од дома и од родниот град нè учи на значајни животни вештини, ни ги отвора портите кон запознавање нови луѓе и врсници и се разбира, ни помага да бидеме поотворени и поприлагодливи. Патувајќи сами, младите се оспособуваат и подобро да управуваат со финансиите - вели Николовски.

Која е најпогодната возраст малолетните да почнат да летуваат сами?


Психологот Лидија Споа од гимназијата „Јосип Броз- Тито“ во Битола вели дека самостојниот одмор на малолетните лица не треба да биде пред 16-17 години и првиот да се случи во границите на државата.

-Одговорот е тогаш кога родителот изградил здрави односи и навики кај детето, но и довербата која ја стекнал во текот на воспитувањето. Секако, тоа да не биде под 16-17 години. Најдобро е првото „пробно“ летување на детето-тинејџер да биде во границите на Македонија, а со полнолетството да се дозволи на детето летување и надвор од границите - вели Споа.

Лидија Споа

Таа нагласува дека родителот е тој кој ќе разговара и ќе му објасни на детето какви работи може да очекува за време на одморот, како и каде да се обрати доколку настане проблем.

Ги нема старите безбедни летувалишта

Ако ја тргнеме короната за миг настрана и размилсуваме за можностите на младите за самостоен одмор, Светлана Петковска, претседателка на Организацијата на жени од Битола, ги предочува можностите што некогаш ги имаа младите дури и од основно училиште да летуваат самостојно во одморалиштата низ земјава. За жал, најголемиот дел од нив денес не постојат.

-Младоста како најубав дел од нашиот живот, освен сите зреења, турболенции, проблеми и што уште не, подразбира и почнување на одделување од семејството. Еден дел од ова одделување, секако, е и одење на самостоен годишен одмор. Во минатиот век, во годините кога системот беше уреден како социјализам, многу често, имајќи предвид дека многу од тогашните фирми имаа свои одморалишта во Охрид, Претор, Дојран, некои и на Јадранско море, некои „авангардни родители“ им организираа на своите деца престој во таквите одморалишта. За младите од Битола и јужниот регион, секако беа интересни младинските одморалишта во Претор, Охрид, Пелистер, кои беа преполни со младинки активности во текот на летото - вели Петковска.

Светлана Петковска

Младите од Битола, неретко со велосипеди, автостоп, понекој автобус, навалуваа во Претор преку лето. Родителите, пак, беа сигурни дека нивните деца се на сигурно. Пелистер со својата клима исто така беше редовен предизвик за младите преку распуст.


Подготвил: Жанета Здравсковска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема