X
 16.08.2021 Образование

Платите на наставниците во основно образование ќе пораснат на околу 38.000 денари во следните години

Ако се има предвид дека минималната плата во државата е околу 15.200 денари, број што се множи со коефициентот за сложеност на работно место за наставник во основно образование - 2,503, тогаш излегува дека платата на наставник ќе изнесува 38.045 денари

Преку Конфедерацијата на слободни синдикати, Синдикатот за образование наука и култура (СОНК) долго време бара да се усогласат платите во образование по колективен договор, со минималната плата на национално ниво. Затоа денеска во Министерството за образование и наука договоривме зголемување на платите, вели за Факултети.мк првиот човек на СОНК, Јаким Неделков, кој се сретна со министерката Мила Царовска.

- Ова значи дека со секое зголемување на минималната плата во државата, платите во дејноста образование ќе се коригираат. Минималната плата на национално ниво ќе биде основа за пресмека на плати, т.е минималната плата на национално ниво, ќе се множи со соодветниот коефициент по работно место. Договорено е со министерката овој модел на пресметка на плати во основно и во средно образование да се примени со новите колективни договори за основно и за средно образование, што е усогласување и со Законот за наставници и стручни соработници. Неговата примена ќе биде со почетокот на новата фискална година, односно почетокот на 2022, а зголемуваето ќе се одвива во етапи, во неколку години - вели Неделков.



Ако се има предвид дека минималната плата во државата е околу 15.200 денари, број кој се множи со коефициентот за сложеност на работно место за наставник во основно образование - 2,503, тогаш излегува дека платата на наставник ќе изнесува 38.045 денари. За професор во средно образование, овој коефициент е 2,533, што значи дека платата на професор во средно ќе му биде 38.501 денар. За работно место хигиеничар, коефицинетот е 1,3, што значи дека хигиеничар во училиште би земал плата од 19.760 денари.

- Веста за зголемувањето на платите во образование е добра вест, но е „лоша“ вест тоа што ова нема да биде исплатено наеднаш, туку во динамика од неколку години. Тоа е решено така зашто ако направиме разлика од основицата од 24.000 на 38.000 денари, тогаш тоа е за 50 посто зголемување на плата, што би било преголемо оптеретување на буџетот за една година. Ние на овој начин сме го решиле проблемот со платите однапред, конечно го затвораме проблемот со усогласување на платите. Важно е дека со секое зголемување на минималната плата, ќе има зголемување и платата на вработените во образование - појаснува Неделков.

Фотографии: Архива
Подготвил: Антонија Поповска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование