X
 16.08.2022 Наша тема

СТУДЕНТСКИ МЕМОАРИ: Нада Скерлев (89) дипломирала на Медицински факултет во 1956 година - Пријателствата и пациентите ми се најголемите достигнувања во кариерата

Нема животна мудрост што не сме ја научиле во скутот на баба и дедо. Секоја поговорка, убав збор и приказна првпат сме ги чуле од нив. Факултети.мк преку рубриката „Студентски мемоари“ реши да ја вклучи временската машина за да дознаеме како се образовале тие. Се враќаме назад во времето. Се враќаме во младоста на бабите и дедовците.

Нада Скерлев е еден од првите педијатри во земјава и животот им го посвети на децата, младите и медицината. Животната битка ја издвојува и на професионален план, а и на семеен.

По некоја чудна случајност, родена е на 7 април, Светскиот ден на здравјето. И стана еден од првите педијатри во Македонија. Нада Скерлев (1933), моминско Николовска, завршила Медицински факултет уште во 1956 година. Потоа специјализарала и стана еден од првите примариус педијатри во земјава. Од Битола заминала на студирање во Скопје  полна со желби за знаење и верба дека ќе ја оправда довербата на родителите. Па учењето ѝ било во преден план.

- Отидов да студирам медицина во Скопје. Тогаш одличните ученици не полагаа приемни испити, па јас како одлична почнав веднаш со студиите. На почеток бевме околу 120 студенти, имаше и од Србија, каде што се полагаше приемен. Студирањето беше сериозно и одговорно. Родителите нè пуштија да учиме и да живееме во друг град и требаше да ја оправдаме нивната доверба. Мораше да се учи, за тоа бевме таму. Имаше и излегување и шетање, но главно беше студирање - вели докторката Скерлев.



Професорите биле авторитети, срамота било да не знаеш на испитите


Дел од нејзините другари што студирале во Скопје живееле во студентски дом. А таа и сестра ѝ, која исто така студирала медицина, биле под кирија во соба во Дебар Маало. Имале среќа да си ги делат учебниците и советите за предметите, испитите и професорите.

- Немаше шега со испитите. Многу сериозно се пристапуваше. Предавањата беа инспиративни, а професорите беа вистински авторитети и срамота беше да се оди на испит, а да не се знае. Каракашевиќ по бактериологија, Крижан по анатомија, Таџер по патофизиологија, професорот Никетиќ, професорката Вернер… Прекрасни личности, авторитети, угледни луѓе, примери во секој поглед. Срамота беше да не се оди на предавања, срамота беше да не се знае - додава Скерлев.

И за време на специјализацијата ѝ предавале врвни лекари, како д-р Садикарио, Дума, имиња познати во цела тогашна Југославија и пошироко. За разлика од денес кога се случува некои професори да не си ги знаат студентите, лекарката вели: „Колку што ние ги знаевме професорите, толку и тие нè знаеја нас“.

- Еве една анегдота - еднаш се сеќавам отидов на испит и професорот не беше најзадоволен од моето знаење и ми рече да се вратам дома и да доучам. Дојдов пак и положив! А до ден-денес мислам дека исто знаев, само ми се погодија прашањата. Денот кога професорот ме врати беше петок 13-ти, оттогаш не го сакам ниту петокот ниту 13-ти, ете колку беше сериозен нашиот однос кон студирањето - се присетува таа.



На коњи и магариња оделе во села каде што немало лекар да стапне ако не биле тие

Освен медицина, љубов ѝ биле и јазиците. Ама тие ѝ оделе и без студирање, па се решила за медицина.

- Убава професија, да се помага, а потоа и специјализација по педијатрија и целиот мој работен век го поминав со најмладите, со децата. Работев во речиси сите амбуланти и диспанзери во Скопје, низ населбите, каде што беше потребно - додава Скерлев.

Таа го испекла „занаетот“ работејќи по далечни села, каде што на времето, поради лошата инфраструктура, не се стигнувало со автомобил, туку патувале со коњи и магариња.

- Одевме на систематски прегледи низ училиштата во градот, ама и по селата. Кога бев во Заводот за здравствена заштита на мајки и деца, каде што речиси го поминав мојот работен век, на почетокот одевме во оддалечени села каде што да не бевме ние, лекар немаше да стапне. Со автомобили ако се можеше, ама и со коњи и магариња, во недостапни предели. Нè пречекуваа со радост и со почит. Спомените на тоа време се нешто посебно, бесценето - вели таа.



До денес пациенти ја застануваат по улици од благодарност

Во тоа време не се плаќало за студии. Напротив, помагала државата. Силните студенти добивале стипендии и работа веднаш по студиите. Имало малку образовани кадри. Нада Скерлев извесен период со сопругот живеела и работела во Загреб, Хрватска. Но, сакале да дојдат во Македонија и да бидат поблиску до родителите, па добиле работа тука. Нада со години работела во Здравствениот дом во Скопје, а и денес ја препознаваат пациенти на улица.

- Задоволна сум од она што го постигнав и презадоволна од работната средина и колешките и колегите со кои работев. Прекрасни луѓе со кои го поминав мојот работен век и не би ги менувала за ништо. Од Здравствениот дом - Скопје. Со нив се дружам и во контакт сум до денешен ден. Се слушаме, контактираме, си помагаме. И многумина од пациентите и ден-денес ме познаваат. Кога ќе прошетам низ турска чаршија, низ Бит-пазар, низ центар, каде што живеам, признавам, сè поретко и поретко, ама ќе викне некој по мене „докторкеее, па вие ли сте тоа, леле драго ми е што ве гледам, ме лечевте, ми го лечевте синот, ќерката..“ - е тоа ме растопува. Пријателствата и пациентите ми се најголемите достигнувања во кариерата - нагласува докторката Скерлев.



Највозрасен македонски навивач на англискиот клуб Манчестер јунајтед

Медицината ѝ е професија, фудбалот пасија. Таа е највозрасниот македонски навивач на англискиот фудбалски клуб Манчестер јунајтед. Пред пет години доби два билети од ФФМ за да го следи мечот од Суперкупот на УЕФА меѓу Реал Мадрид и Манчестер јунајтед во Арената во Скопје. Обожавател на овој фудбалски клуб е уште од студентските денови, всушност, од денот кога се случи кобната авионска несреќа и настрадаа „Базбиевите бебиња“, односно речиси целиот прв тим. Нада е мајка на познатата македонска новинарка Жанета Скерлев од Би-би-си во Лондон, па имаше среќа да го гледа омилениот фудбалски тим и во Лондон на „Вембли“ и во Манчестер на „Олд Трафорд“, повеќепати.

- Патував многу. Фудбал сум гледала на Сан Сиро, Камп ноу, на Стемфорд бриџ (благодарение на едниот зет), на Емирати (поради другиот зет), на Маракана во Бразил. Навивам и за Реал Мадрид и за Пелистер, се разбира, па битолчанка, нели - вели Скерлев.

Следи и тенис, обожавателка е на Роџер Федерер и жали што реши да паузира малку, се надева ќе се врати на терените. На „Вимблдон“ била неколку пати, па додава дека таму живее ќерка ѝ и тоа доаѓа некако нормално.

Но, госпоѓа Нада не се откажа ни од македонските обичаи. Везеше до пред една година, односно до 88., главно природа, цвеќиња и птици. Сега, се шегува, како Федерер, прави мала пауза. Но, и натаму чита зашто без книга не може, а шета колку што може. Ги следи сите, ама баш сите спортски програми на телевизија. И одвреме-навреме дава понекој лекарски совет.

Фотографии: приватна архива
Подготвил: Жанета Здравковска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема