X
 16.09.2017 Технологија

Професии што се незамисливи без употреба на технологијата

Пред само неколку години за компјутерската моќ што денеска ја поседуваат паметните телефони било потребно да се има огромна кутија на биро. Денес таков моќен уред може да се стави в џеб. Развојот на технологијата овозможил некогаш незамисливото да стане реално, а со тоа да се создадат и многу возбудливи професии кои можат да се работат насекаде во светот. На пазарот исто така се појавуваат и нови работни места, кои се незамисливи без новите технологии.

Архитект

Ова е најдобар пример за професија која вклучува и теренска работа и многубројни часови поминати во канцеларија. Со 3Д-прикажувања, на клиентот може веднаш да му се покаже изгледот на објектот. На самото место преку приклучување на паметниот телефон со монитор или ТВ-екран може да ги внесуваат сите промени и функционалности што им се потребни за да ја завршат работата.

Новинар

Ако постои професија кај која брзината и функционалноста на компјутерот и комуникацијата со светот се најважни, тогаш тоа е новинарството. Технологијата комплетно го промени новинарството, и динамиката на работата. Новинарите целиот собран материјал, без разлика дали се фотографии, видеоснимки, аудиоснимки или текстови, го имаат на својот паметен телефон. Можноста за повеќе апликации, копирање, поставување текстови, интернет, уредување на фотографии – сето тоа е многу едноставно во модерно време.

Лекар на терен

Товарот за грижата за туѓ живот е нешто на кое се навикнати лекарите кои укажуваат итна помош на терен. Една од професиите во кои технологијата и паметните телефони не можат да се изостават. Нема поефикасен начин за собирање на сите можни податоци од терен отколку со употребата на модерните технолошки решенија. По враќањето во базата потребни се само неколку минути за да се поврзе паметниот телефон со основниот компјутер и да се продолжи со работа и податоците да бидат достапни и на други уреди.

Дизајнер

Креативните луѓе забележуваат секакви идеи и решенија, па технологијата им овозможува да ги реализираат тие креативни идеи преку својот паметен телефон, кога и да посакаат. Или, пак, сето она што го имаат како материјал на својот телефон да го префрлат на друг уред и да продолжат со работата.

Продажен претставник во туризам

Овие преставници постојано се на терен и своите понуди можат најдобро да им ги прикажат на клиентите преку користење на модерната технологија. Фотографии, локации, услови – сето тоа може да се претстави преку паметен телефон или компјутер. Најважно е да бидат ефикасни и брзи за да им презентираат понуди на потенцијалните клиенти.

Патописец и травел-блогер

Овие луѓе постојано патуваат и посетуваат многу места за кои подоцна ги споделуваат искуствата со останатите. За тоа е потребно да снима видеа, да прави фотографии и да пишува текстови за доживеаното – па затоа од голема корист се денешните развиени паметни телефони, кои дозволуваат да го објавувате секој чекор што го правите.

Водич на адреналински тури или тим-билдинг

Оваа работа не е составена само од адреналински спортови, туку и од комуникација и пронаоѓање клиенти. Водичите треба да формираат група на луѓе, но и да ги привлечат за да бидат дел од адреналинските активности. Тоа можат да го сторат преку прикажување презентации, фотографии, видеа од претходни искуства и тури, а модерната технологија им помага во тоа. Паметните телефони им овозможуваат на самото место да им ги покажат понудите на потенцијалните клиенти и со тоа голем дел од нивната работа е завршена.
Подготвил: Маја Пероска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија