X
 16.09.2019 Живот

Уште една европска држава воведе можност за купување државјанство

Во обид да се привлечат странски инвестиции, грчката влада планира да ги следи другите европски земји воведувајќи нови мотиви за инвеститори. Таа ќе им нуди грчко државјанство на оние што ќе купат недвижности во вредност од најмалку 2 милиони евра.

Планот на Грција предвидува потенцијалните инвеститори што ќе ги исполнуваат сите услови за грчко државјанство претходно да имаат регулирано постојано живеалиште и да имаат недвижности во вредност од најмалку 500.000 евра, како и плата од најмалку 50.000 евра годишно.

Покрај тоа, грчката влада ја испитува и можноста да понуди физичките и правните лица да ја изберат Грција како држава во која ќе се оданочуваат нивните приходи. Овој план се појавува во момент кога многубројни инвеститори надвор од Европската Унија бараат нови дестинации за купување недвижности поради Брегзитот.

drzavjanstvo

Вреди да се спомене дека кон почетокот на оваа година и Црна Гора воведе можност за стекнување црногорско државјанство на неколку начини, а еден од нив е со уплата на 100.000 евра за развој на помалку развиените единици на локалната самоуправа.

Црногорско државјанство може да се стекне и со уплата на најмалку 450.000 евра за потребите на еден од развојните проекти во Подгорица, крајбрежен дел од земјата, или со износ од 250.000 евра за вложување во некој од развојните проекти во внатрешноста на земјата. Програмата е почната од црногорската влада во соработка со „Хенли и партнерс“, специјализирана компанија за државјанства и деловни инвестиции.

Програмата за стекнување државјанство врз основа на инвестиции била лансирана во 1984 година од карипската држава Свети Кристофер и Невис, со што островот успеал да заработи милијарди долари. Во наредните години оваа програма ја презеле неколку држави, а денес постојат околу 12 вакви земји.

Една од нив е и Австрија, чиј пасош е најскап и најбаран, додека процесот за негово добивање е таен. Според „Хенли и партнерс“, нема официјални насоки за добивање австриски пасош, а кандидатите се темелно испитувани.

Според достапните информации, кандидатот може да добие австриски пасош ако за развој на тамошната економија донира 3 милиони долари или ако вложи 10 милиони долари. Освен тоа, кандидатот е должен да уплати 600.000 долари за разни надоместоци, па потоа може да патува без виза во 177 земји во светот и да живее и работи каде било во ЕУ. Пред добивање на пасошот, кандидатот мора да се откаже од постојното државјанство бидејќи Австрија не признава двојно државјанство.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот