X
 16.10.2018 Живот

Најголемиот град со бесплатен јавен превоз во Европа

По еден месец откако францускиот град Денкерк воведе бесплатен јавен превоз за сите, во ек е мала револуција.

Клод Понтар, 65-годишна пензионерка, вели дека бесплатниот превоз значи дека пензијата ѝ останува за друго.

- Штедам пари и автобусите доаѓаат на секои десет минути, па не морам да чекам долго. Но, има многу луѓе што се возат со автобус, па морате да го избегнете шпицот ако сакате да седнете. Сепак, мислам дека е добра работа - вели таа.

Во некои од градските автобуси има и безжичен интернет. Властите имаат планови за дебати, музика, повремен превоз на славни лица во автобусите. Веќе е пуштен во сообраќај „Спортски автобус“ со интерактивни игри, екран на кој се прикажува квиз, а во автобусот има и селфи-камера.

Жителите раскажуваат дека порано многу поретко се возеле во градските автобуси, но дека сега тоа се променило затоа што е бесплатно, но и поради растот на цените на горивото.

Пред еден месец Денкерк, град со 200.000 жители, стана најголемиот град во Европа што нуди бесплатен јавен превоз. Нема трамваи, тролејбуси или локални возови, но автобусите се пристапни и бесплатни и не се потребни билети за возење. Ова важи за сите патници, дури и за посетителите.

Инспирација за потегот дошла од Талин, Естонија, град кој во 2013 година стана првата европска престолнина каде што се нуди бесплатно возење во автобуси, трамваи и тролејбуси, но само за жителите заведени во општината. Тие плаќаат две евра за „зелена карта“, по што сите патувања се бесплатни.

Бесплатниот урбан превоз сè повеќе се шири. Војчиех Кебловски од Слободниот бриселски универзитет во негово истражување утврдил дека во 2016 година имало 107 бесплатни мрежи за јавен превоз во целиот свет: 67 во Европа (30 во Франција), 25 во Северна Америка, 11 во Јужна Америка, 3 во Азија и една во Австралија. Многу од нив се помали од Денкерк и нудат бесплатен превоз кој е ограничен во однос на бројот на користење, рутите и луѓето.

Најголем во светот е Чангнинг, Кина, каде што бесплатниот превоз е во функција од 2008 година. Бројот на патниците наводно се зголемил за 60 отсто на денот кога бил воведен бесплатниот превоз.

Ниор, во Западна Франција, воведе бесплатни автобуси за своите 125.000 жители пред околу една година. Градските власти велат дека бројот на патниците на некои рути се зголемил за 130 отсто.

По еден месец од воведувањето на бесплатниот превоз, градоначалникот на Денкерк, Патрис Вергриет, кој во предизборната кампања во 2014 година го вети овој потег, вели дека проектот е успешен и дека има 50-отстотно зголемување на бројот на патници на некои рути, а кај некои е забележано и до 85-отстотно зголемување. Градоначалникот објаснува дека претходно 65 отсто од патувањата во градот се вршеле со автомобил, 5 отсто со автобус и еден отсто со велосипед. Другите 29 отсто пешачеле.

Бесплатниот превоз најпрвин бил понуден само за викендите и празниците, но потоа бил воведен секој ден
Фото: Guardian

- Зголемувањето на бројот на патници откако превозот е бесплатен нè изненади. Сега мораме да ги задржиме. Се обидуваме да ги натераме луѓето различно да ги гледаат автобусите. Го ставивме автобусот назад во главите на луѓето како средство за транспорт и тоа го промени однесувањето. Претходно, кога плаќаа, тоа беше сервис и тие беа клиенти. Можеби придонесувале само 10 отсто од трошоците за функционирање на сервисот, но мислеа дека е нивни трошок. Сега е јавен сервис и тие го гледаат различно. Му кажуваат „добар ден“ на возачот, си разговараат меѓусебно. Претходно автобусот беше за оние што немаа избор: младите, старите, сиромашните што немаат автомобили. Сега е за сите - вели градоначалникот.

Вергриет признава дека бесплатниот јавен превоз можеби не функционира секаде, но додава дека освен што е добро за околината, тоа е и социјална мерка, гест на солидарност со кој се промовира порамноправна редистрибуција на добрата отколку намалувањето на даноците.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот