X
 16.10.2018 Живот

Растев во период кога сите патеа по тебе. Но и покрај ова, ти оставаш голем белег врз сите нас

И да, секое утро е исто, сонцето изгрева некаде околу 6 часот, сите се будат и одат на работа, на училиште, секој со обврските. Но знаеш, пријател, овој пат не беше исто, овој пат, како да не ми се одеше на училиште. Не дека мене ми се оди секој ден, но овој пат беше сосема поинаку. Денес сакав цел ден да седам дома, денес сакав да те слушам само тебе, пријателе.

Не сакав да излезам надвор, бидејќи знаев дека кога ќе излезам, ќе ги видам сите тажни. Тажни токму поради тебе, тажни поради тоа што ти не си тука. А кога се сите тажни, и сонцето не сака да грее, и небото не сака да е сино. Да, тоа е тој датум, тоа е тој 16 октомври на кој вечно ќе плачеме, тој октомвриски ден кога те изгубивме тебе.

Не сум човек кој те запознал лично, не сум некој што ти бил близок, не сум ни растена во времето кога излегувале сите твои хитови. Растена сум во период кога сите патеа по тебе. Период кога патиме кон секој твој опеан стих, период кога се пати по твоите концерти, по сите твои зборови. Но и покрај ова, пријателе, ти оставаш голем белег врз сите нас. Сè уште се раскажува за тебе, на малите деца им кажуваат за тебе, те земаат тебе за пример како човек од кој треба да се учи. Ти иако не си присутен тука, твојот дух како сè уште да живее на земјата.

Па и живее, знаеш ли колку е убаво кога се пеат твоите песни, „Малечка“, „Слушаш ли“, „Тајно моја“, знаеш ли колку е убаво кога се зборува за твојата хуманост, колку е само убаво кога имаш од кого да земеш пример. Секаде се пишува дека си ги сакал децата, ги пишува и оние зборови што си ги кажал за љубовта (овде морам да ја издвојам оваа реченица: „Сакајте, без разлика на тоа дали некој ве сака... совршено е чувството да сакате некој, без оглед на тоа дали е возвратено. Вистинската љубов е љубовта што ја даруваш, а не што очекуваш да биде возвратена“). Сакам да ти кажам, мило ми е што постоел човек како тебе, се радувам што имам од кого да земам пример, и сите други, секако.

„Целта на мојот живот не е кариерата, туку контактот со луѓето, таа можност со нив да разменувам енергија. Сакам на сите околу мене да им влијаам позитивно, тоа е мојата мисија“, Тоше Проески.

Па мислам дека твојата мисија е дефинитивно исполнета. Иако не си тука, иако не настапуваш на сцената, ти повторно како да пееш со нас на твоите меморијални концерти. Кога јас си ги потпевнувам песните, како и ти да ги пееш со мене. Твојот дух, твоето дело, твоите зборови, твоите стихови живеат. Сè уште живее твојата позитивна енергија во секоја твоја песна. Живее сè што е твое на земјава. Само ти не....

И што да кажам уште за тебе? Мал е секој збор за тебе, нема, не ни постои таков, не постои збор со кој ќе го опишам твоето дело, твојот дух и твојот ангелски глас.

Ни останува само да се сеќаваме на тебе. Ни останува да правиме ѕвездени неба во твоја чест. Ни останува да се гордееме со личност како тебе.

Те сакаме, Тоше!

Автор: Марија Ванѓеловска (15), ученичка од Охрид

Подготвил: Марија Ванѓеловска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот