X
 16.11.2020 Наука

Првпат забележана лепра кај диви шимпанза

Лепрата е особено вознемирувачка и болна болест која претежно можеше да се забележи кај луѓе - досега. Сега истражувачите ја забележаа болеста кај шимпанза, што им даде причина за вклучување на алармот.

Вестите беа објавени во „Сајенс магазин“, каде што беше цитиран ветеринарот Фабијан Линдерц, кој истакна дека никогаш не забележал лепра кај шимпанза. Болеста била забележана кај неколку од животните во националниот парк Кантањез во Гвинеја-Бисао и во националниот парк Таи во Брегот на Слоновата Коска, оддалечен повеќе од илјада милји.

Според објавената статија, болеста била предизвикана од бактеријата Mycobacterium leprae и порано била забележана кај други животни, како што се деветопојасниот оклопник во Америка и црвените верверички во Обединетото Кралство. Во овие случаи нема причина за шпекулација дека болеста преминала од луѓето кај животните бидејќи двата вида носат ист бактериски генотип кој бил идентификуван при епидемиите меѓу луѓето во средновековна Европа.



Сепак, кога станува збор за новозаразените шимпанза, биле идентификувани два ретки генотипа - 2F и 4N/O. Тоа значи дека изворот на лепрата веројатно е во нивната природна околина, со што се исклучува пренесување од човек.

- Најверојатното сценарио e дека има некој неидентификуван резервоар на лепра - објаснува Линдерц.

Во статијата е цитиран и Џон Спенсер, имунолог кој ја проучува лепрата во државниот универзитет во Колорадо, а кој истакнува дека болеста не е ограничена само на луѓето, туку има други места на кои се адаптирала.

Дополнително, Ен Стоун, еволуциски генетичар при државниот универзитет „Темпе“ во Аризона, која не учествувала во студијата, истакнува дека малата големина на геномот и други карактеристики посочуваат дека можеби се развива во друг резервоар.

- Тоа навистина е белег за нешто што треба да живее на друг организам - вели таа.

Истражувачите засега остануваат збунети во однос на тоа кој може да е изворот на болеста.

Извор и фотографии: Interesting Engineering
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука