X
 16.11.2021 Живот

Зошто луѓето се нервозни кога се гладни?

Дали некогаш сте биле нервозни затоа што сте биле гладни? Станува збор за научен феномен, објаснува нутриционистот Аманда Салис за „Хелти фуд“.

Ова се јавува поради процеси што се одвиваат во телото кога му треба храна. Јаглехидратите, протеините и маснотиите во храната што ја јадете се разградуваат во едноставни шеќери, аминокиселини и слободни масни киселини. Овие состојки се пренесуваат до органите и ткивата преку крвотокот и се користат како енергија.

Количеството на овие хранливи состојки во крвотокот се намалува со текот на времето, а кога ќе падне нивото на гликоза во крвта, мозокот тоа го регистрира како знак за ситуација опасна за животот. Тогаш може да имате тешкотии да се концентрирате или може да правите грешки. Затоа може да им се развикате на оние лица пред кои сте најопуштени, на пример, партнерот или други членови на семејството.


Фото: Pixabay

Постои уште една причина зошто сте нервозни кога сте гладни. При недостиг на хранливи состојки, мозокот им испраќа знаци на повеќе органи да лачат хормони кои го зголемуваат нивото на гликоза во мозокот. Некои од овие хормони се испуштаат во крвотокот и за време на стресни ситуации, како адреналин, што може да предизвикаат чувство на вознемиреност или нервоза.

Дополнително, некои луѓе може почесто да бидат нервозни кога се гладни поради невропептидот Y, кој е хемиска состојка што ги регулира гневот и агресивноста, а се лачи кога сте гладни. Поради оваа состојка, некои луѓе се повеќе склони кон импулсивна агресија.

Најдобар начин да се ослободите од нервозата кога сте гладни е да јадете пред да станете премногу гладни. Се препорачуваат намирници богати со хранливи состојки кои ќе го задоволат гладот подолго време.

Извор: Healthy Food
Фото: Pixabay
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот