X
 16.12.2018 Наука

Откриено е дека храната има сѐ помалку хранливи материи поради СО2?

Постојат сѐ повеќе докази дека растечкото ниво на јаглероден диоксид во атмосферата ја прави храната помалку хранлива, бидејќи од културите исчезнуваат витамини кои се исклучително важни за човечкиот развој. Истражувањата покажуваат дека пченицата, сојата, пченката, гравот, грашокот имаат помалку протеини, цинк и железо бидејќи растат во средини каде што е присутен јаглероден диоксид.

Многу култури веќе изгубија некои од хранливите материи, а до 2050 година ќе биде уште полошо. Едно истражување ги споредило денешните растенија со примероци од претходните растенија и открило дека минералите, цинкот, железото и калциум се намалуваат со порастот на јаглеродниот диоксид.

Најновото истражување на оваа тема покажува дека концентрацијата на есенцијални хранливи материи е намалена во 18 вида ориз што биле изложени на зголемени нивоа на СО2 во еден експеримент. На прво место опаднал витаминот Б како рибофлавин, кој помага во разградувањето на храната во енергија, и фолатите, кои се важни за развојот на плодот. Тие паднале за дури 30 отсто.

храна

Се чини нелогично повеќе јаглероден диоксид да може да им наштети на растенијата бидејќи тој е една од главните состојки што растенијата ги користат за растење, но се покажа дека премногу СО2 не е добро за растенијата, исто како што премногу јаглехидрати не се добри за луѓето. Дополнително на тоа, јаглеродниот диоксид е сличен како празните калории од брзата храна - растенијата растат побрзо и се поголеми, но со помалку хранливи материи.

Научниците што се занимаваат со земјоделство веќе некое време се сомневаат дека храната станува сѐ помалку и помалку хранлива, но се мислеше дека тоа е само поради современите методи на одгледување и прекумерната употреба на почвата, што доведува до деминерализација или одгледување видови што даваат повисоки приноси.

Во меѓувреме, научниците што неколку децении прават истражувања врз растенијата тврдат дека јаглеродниот диоксид придонесува за намалување на минералите во растенијата. Импликациите од истражувањата се проблем за целото човештво, особено за луѓето што живеат во сиромашни и неразвиени региони каде што е многу потешко да се надомести за недостигот на хранливи материи со повеќе протеини и витамини. Според индексот на глобален глад, околу 2 милиона луѓе страдаат од „скриен глад“, односно консумираат доволно калории, а лошо се хранат.

Недостигот од железо е најголем проблем, еден од тројца луѓе има дефицит на цинк, а на милиони луѓе им фалат калциум, магнезиум или селен. Недостигот на овие хранливи материи може да предизвика оштетување на когнитивниот развој на децата, голем број смртни случаи во детството, мртвородени деца, намален раст и оштетување на имунитетот.

И не станува само човечката храна помалку хранлива. Поленот што пчелите го јадат доцна во летото има многу помалку протеини отколку порано. Со повеќе јаглероден диоксид растенијата даваат помалку нектар, а ова влијае врз инсектите. Научниците уште помалку знаат како оваа состојба ќе влијае врз тревопасните животни и животните повисоко во синџирот на исхраната.

Недостигот на хранливи материи може да придонесе за прекумерна телесна тежина бидејќи луѓето ќе јадат повеќе скробни растенија и поголема количина на храна за да компензираат за недостигот на хранливи материи.

Светската популација расте и се зголемува побарувачката на храна. Дури и драматичното да се намали СО2, нивото во атмосферата ќе биде високо во наредните 50 години. Научниците успеале со генетички инженеринг да создадат култури со повеќе хранливи материи. Златниот ориз, на пример, има повеќе витамин А, но процесот на збогатување е долг и скап, а веројатно не компензира за низа различни есенцијални витамини и минерали поради високата количина на јаглероден диоксид во атмосферата. Во меѓувреме, научниците се обидуваат подобро да го разберат колапсот на хранливи материи што ги погодува луѓето и животните. Со нивните напори ќе биде подобро да се одржи светот сит и здрав.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука