X
 07.01.2017 Образование

Интервју со проф. Ана Фрицханд: Најголем успех ми е кога мој студент го нашол своето место под сонцето

Професорката Ана Фрицханд од Институтот за психологија од Филозофскиот факултет од Скопје една од најинспиративните професорки според нашата анкета на која гласаа студентите. Таа во 2015 година се најде и на листата меѓу десетте најдобри професори, што покажува дека им е навистина омилена на студентите од Филозофскиот факултет.



- Ме радува што по втор пат за една година студентите ме одбираат меѓу омилените професори. Сето ова укажува на континуирано позитивните и конструктивни релации, на меѓусебната почит и доверба, како и на двонасочноста во процесот на учење што постојат меѓу студентите и мене - вели таа во интервјуто за Факултети мк.

Факултети.мк: Што Ве инспирира Вас кај студентите, за да им бидете и секако да останете посветени?
- Посебно ме инспирира желбата на студентите да дознаат повеќе за содржините од предметите што ги предавам и тоа не само да научат, туку и да ги разберат процесите за кои зборуваме. Тоа се гледа од начинот на кој ги следат предавањата и вежбите, од начинот на кој ги поставуваат прашањата, од нивната редовност на наставата и слично. Инспирираат и нивните насмеани лица и сјајни погледи додека дискутираме на теми од областа на Развојната психологија кои им се важни и интересни, потоа жарот со кој влегуваат во тие дискусии и меѓусебно ги соочуваат аргументите, нивниот критички став и информираност за многу од темите кои ги обработуваме во рамки на наставата. Ако на сето ова се придодаде и фактот дека студентите на Институтот за психологија се вбројуваат меѓу студентите со највисоки академски постигнувања во текот на студиите на целиот Филозофски факултет, задоволството и честа да се работи со нив се уште поголеми, а со тоа и самата инспирација.

Факултети мк: Има ли некоја посебна причина што Ве натера да ја изберете оваа професија и како е денеска да се биде учител?
- Уште од првиот ден на моите студии по психологија, кога беше официјалниот прием на студенти (во октомври, 1996 година), си поставив за цел еден ден и јас да бидам универзитетски професор. Си ветив самата на себе дека ќе ја достигнам таа цел, бидејќи чувствував (а сега сум веќе сигурна) дека тоа е мојот професионален пат. Пред да се запишам на овие студии размислував за студии на Медицинскиот факултет, но за кратко време решив дека психологијата е опција која мене лично повеќе ми одговара. Веднаш по дипломирањето во 2001 година бев ангажирана како демонстратор, потоа како помлад асистент и натаму ги изодев сите повисоки нивоа додека не дојдов до она што сум денес – вонреден професор. Можам да кажам дека воопшто не беше лесно. Психологијата како наука, сама по себе, е многу комплексна, но во исто време и многу инспиративна. Воедно, критериумите на професорите беа и сè уште се многу високи, па испитите не се полагаа(т) лесно. Сепак, кога ќе си поставиме јасна цел и ќе развиеме патишта по кои ќе ја достигнеме, тогаш ништо не е претешко, а уште помалку невозможно. Треба само да знаеме што сакаме да постигнеме и како можеме тоа да го реализираме.

Денес многумина велат дека не е лесно да си наставник на новиве генерации, но претпоставувам дека професорите тоа го мислеле и за мојата генерација, а и за многу генерации пред мојата. Она што е сигурно е дека секоја генерација носи свои карактеристики и предизвици со кои ние наставниците треба да се соочиме. Според мене, токму во тоа е умешноста на добриот и успешен наставник – да се обиде да го извлече најдоброто од секој студент, да го даде својот максимум за да им го пренесе знаењето и вештините на јасен и разбирлив начин и така да ги мотивира уште повеќе да ја засакаат професијата за која се определиле. Оттука поаѓам и јас кога го започнувам секое мое предавање. На крајот, мојот најголем успех како наставник, е кога моите студенти ќе дипломираат и кога ќе дознаам дека се реализирале на професионален план, како успешни поединци и како успешни психолози – или како што честопати умеам да кажам, дека секој од нив го нашол своето место под сонцето.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование