X
 08.01.2017 Технологија

Први јануари, најдобриот ден за App Store


Логото на Apple истакнато врз нивната деловна зграда

Долгата 2016 година конечно заврши, па голем дел од компаниите повлекуваат црта и прават анализи на учинокот и резултатите. Една од нив е и Apple, кои како што пишува Tech Crunch, неодамна ги објавија статистиките за својот App Store.

Првиот ден од новата 2017 бил најдобриот ден за App Store во историјата на компанијата, а корисниците, во еден ден, на апликациите потрошиле речиси 240 милиони долари. Тоа е помалку изненадувачки, со оглед на тоа што традиционално, Божиќ е денот кога луѓето најмногу си подаруваат нови гаџети, па се подразбира дека токму тогаш се симнуваат најмногу апликации.

За споредба, компанијата на девелоперите на апликации во текот на 2016 им исплатила 20 милијарди долари, што претставува раст од 40 проценти во однос на претходната година. Тоа воедно значи и дека од лансирањето на App Store во 2008 година, на девелоперите им се исплатени вкупно 60 милијарди долари, а една третина од тој износ е исплатена во минатата година.


Најголемите приходи од апликации очекувано се остварени на пазарите во САД, Кина, Јапонија и Велика Британија. Конкретно, во Кина е нотиран раст од 90 проценти на годишно ниво, што за Apple е многу добар знак. Имено, клучниот фокус за меѓународниот раст е токму кинескиот пазар, што значи дека Кинезите не само што симнуваат повеќе апликации, туку и повеќе трошат на нивно купување, а тоа е одлична вест за компанијата.

Минатата година претплатничките услуги на App Store пораснаа на 2,7 милијарди долари, што претставува зголемување од 74 проценти во однос на 2015, а најпопуларни биле Netflix, HBO Now, Line, Tinder и MLB.com At Bat, мобилна апликација за американската бејзбол лига.
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија